Србија и Албанија сакаат заедно да организираат Европско во фудбал

од Nikola Popovski

Потпретседателот на Фудбалскиот сојуз на Србија (ФСС) Бранислав Недимовиќ потврдил дека Србија и Албанија заеднички се пријавиле за домаќинство на Европското првенство за млади фудбалери, пренесуваат српските медиуми.

Фудбалскиот сојуз на Албанија објави дека се пријавил за да домаќин на завршниот турнир на Европското првенство за млади фудбалери (У21) во 2027 година, како и дека се обратиле до Фудбалскиот сојуз на Србија со желба двете федерации заеднички да го организираат турнирот, со оглед дека Албанија нема доволно стадиони кои ги задоволуваат највисоките европски стандарди.

„Фудбалскиот сојуз на Србија заедно со Фудбалскиот сојуз на Албанија аплицираше за организација на Европското првенство за млади (У21) кое ќе се одржи во 2027 година. Србија има капацитет во поглед на стадиони, тренинг центри и хотели да организира вакво натпреварување. Идејата е финалето на Европското првенство да се одржи во Белград. Деталите ќе се договараат во текот на целиот циклус на преговори и одлучување. Во моментов имаме двајца конкуренти – Турција и Белгија“, изјави Недимовиќ за „Меридијан спорт“.

Како што навел, идејата е финалето на Европското првенство да се игра на новиот национален стадион чија изградба започнала пред неколку дена во Сурчин.

Мечевите од групната фаза би биле поделени, вели Недимовиќ и прецизира дека некои би се играле во Србија, а некои во Албанија.

„Во моментов не е сè завршено, но во оптек би биле стадионите во Лесковац, Зајечар, Лозница, Бачка Топола и Нови Сад“, изјавил Недимовиќ.

Слични содржини