Бербери во градот Свиндон, во округот Вилтшир во југозападна Англија, ќе бидат обучени како да разговараат со своите клиенти за менталното здравје на мажите, јавува „Би-Би-Си“. Советот на општина Свиндон ги повика сите бербери и машки фризери да се пријават на курсот и да се приклучат на иницијативата насочена кон подобрување на менталното здравје на мажите.
Учесниците на курсот ќе научат како да разговараат со клиентите за менталното здравје и каде можат да добијат стручна помош и поддршка.
„Препознавме дека берберите и нивните клиенти развиваат уникатна врска на меѓусебна доверба“, изјави експертот за јавно здравје, Лидија Џордан, додавајќи дека иницијативата има за цел да ги трансформира берберниците и машките фризерски салони во безбедни простори и охрабрувачки средини.
Целта е да се отстрани стигмата околу менталното здравје кај мажите и младите мажи.
„Додека ја средуваат косата, иницијативата ќе им помогне на мажите, младите и момчињата да се чувствуваат пријатно и да можат да се отворат и да зборуваат за својата емоционална благосостојба“, вели Џордан.
Дени Хегарти, сопственик на Supreme Barbers, веќе се пријавил себеси и тројца колеги за курсот, сметајќи дека иницијативата е одлична идеја.
„Дури и сега, мажите понекогаш отворено зборуваат за својот живот, дом или семејство додека ја средуваат косата“, рече Хегарти.
„Сакам да дојдат кај нас со целосна самодоверба, без разлика дали се работи за нова фризура или за емоциите што ги вознемируваат“, додаде тој.
Џордан појаснува дека курсот нема да биде тежок или заморен, туку ќе обучи бербери и фризери како да зборуваат за менталното здравје, кои зборови да ги користат, како и каде да ги упатат клиентите доколку им е потребна стручна поддршка.
„Целта е да се отстрани стигмата околу менталното здравје кај мажите и младите“, повтори Џордан.