Шефицата на германската дипломатија, Аналена Бербок вчера порачала дека местото на С. Македонија е во ЕУ. Ова го истакнала таа пред денешната посета на Скопје и средбите со државниот врв.
Бербок потенцирала дека „големите надежи и очекувања што ги имаат македонските граѓани, за нас се шанса и опасност истовремено“.
-Опасност, затоа што би можеле да ги загубиме Македонките и Македонците за Европа, доколку како ЕУ ги изневериме нивните очекувања и покрај сиот напредок и болните отстапки кои ги направија во изминатите 17 години. Шанса, затоа што на сите учесници во процесот на проширување на ЕУ им е јасно за што всушност се работи: за иднина во европското семејство, за регион со стабилна добросостојба и мир, за самоопределување, рекла Бербок во изјава за ДВ.
Нагласила дека е потребна широка поддршка во парламентот за уставните измени и тргање настрана на партиските интереси.
Бербок ќе се сретне со претседателот Стево Пендаровски, со шефот на дипломатијата Бујар Османи, како и со други претставници на владата, опозицијата и парламентот.
Германското Министерство за надворешни работи соопшти дека главниот фокус во разговорите ќе биде на пристапувањето на земјата во ЕУ, а особено потребата за уставни измени како неопходен чекор кон Унијата.
Министерството за надворешни работи синоќа беше осветлено во боите на германското знаме по повод посетата на Бербок.