Бербок: Прво зајакнување на структурата на ЕУ, па потоа постепено натамошно проширување

од Stefanija Kuzmanovska
187 прегледи

Шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок на конференцијата за проширување на ЕУ во Берлин најави почеток на процесот на зајакнување на внатрешните структури на Европската унија како подготовка за процесот на проширување, а истовремено предложи постепена интеграција на земјите кандидати.

„Мислам дека би можеле да размислуваме за постепена интеграција на земјите кандидати кои со затворање на нови поглавја би можеле да пристапат до работата на Европската унија, меѓу другото и со учество на состаноците на Советот на ЕУ“, рече таа на отворањето на министерската конференција насловена „Поголема, посилна Унија“.

Германската министерка рече дека нејзината влада разгледува низа мерки кои би ја направиле ЕУ поефикасна во времето на проширувањето.

Меѓу тие мерки е и ограничувањето на областите за одлучување на кои би било можно вето. Бербок ја спомена можноста за воведување некакво гласање во Советот на ЕУ преку жолти и црвени картони: жолт во случај на незадоволство од некои делови од одлуката, црвен во случај на целосно несогласување.

Бербок ја претстави и идејата за намалување на Европскиот парламент и Европската комисија, при што одредени сектори во рамките на комисијата ќе бидат поделени меѓу неколку земји-членки.

„Европската унија може да биде посилен актер само ако го прифатиме она што долго време го одложуваме, а тоа е реформирање на начинот на кој функционира ЕУ“, рече Бербок.

Наведе дека процесот на проширување е потребен за да се направи ЕУ уште посилен актер и да се зголеми безбедноста.

Во работата на конференцијата учествува и украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба.

Бербок рече дека проширувањето на ЕУ на земјите од Западен Балкан, како и на Украина и Молдавија, е неопходно поради геостратешката ситуација и политиката на рускиот претседател Владимир Путин.

Слични содржини