Бергамо, најтешко погоден од пандемијата во првиот бран, во вториот беше поштеден

од Stefanija Kuzmanovska

Бергамо, провинција во северна Италија, која беше најпогодена од пандемијата на почетокот на оваа година, беше поштеден од голем број заразени во вториот бран на коронавирусот.

„Развивме широко распространет имунитет во покраината“, рече Фабио Пецоли, директор на болницата „Папа Џовани XXIII“ во Бергамо, за „Ла Република“.

Областа Бергамо во четвртокот имаше 135 нови случаи, во споредба со 3.200 во соседната провинција Милано, според официјалните податоци од регионот Ломбардија.

„Ако го споредиме тоа со населението, Милано има осум пати повеќе случаи од Бергамо“, изјави градоначалникот Џорџо Гори за телевизијата РАИ.

Гори верува дека причината е тоа што голем дел од жителите на Бергамо се заразиле во февруари, март и април и развиле антитела.

Тестовите спроведени во областа Вал Серијана во областа Бергамо покажаа дека 42,3 проценти од населението има коронавирус.

„Вирусот секако е потешко да се шири кај популација каде што толку многу луѓе имаат антитела, што ги штити од нова инфекција најмалку неколку месеци“, нагласи Гори.

„Секако, не можеме да зборуваме за имунитет на стадо, но јасно е дека вирусот наидува на неколку препреки на својот пат“, додаде политичарот од левиот центар.

Гори верува дека во вториот бран луѓето се повнимателни поради трауматското искуство од првиот бран во кој скоро секое семејство во Бергамо изгуби член на семејството или пријател.

Слични содржини