Лидерот на албанската Демократска партија, Сали Бериша, ги повика граѓаните на протести на 15-ти март, по одлуката на тамошната Влада да го забрани ТикТок во земјата, пишува „Albanian post“.
„Одлуката за забрана на ТикТок на 12 месеци е цензура“, убеден е Бериша.
Според него, со овој потег на цензура на повеќе од милион корисници на Тикток во земјата, Еди Рама „ја претвора Албанија во Авганистан или Иран“.
„Овој чин на цензура е вистински чин на фанатизам, нетолеранција, страв и терор над слободната мисла и изразување“, оценува опозиционерот.
Тој додал дека ТикТок е комуникациска платформа која ја освои Албанија и има огромна поддршка од младите во земјата и светот.
„Ако тврдите дека одите кон Европа, не можете да ја ставите Албанија рака под рака со Иран, Авганистан и Сомалија, кои вршат монструозен чин против слободата на говорот. Цензурата докажува дека европскиот пат на Албанија е лицемерие. Се сеќавам дека Џеј-Ди Венс, во својот говор во Минхен, рече дека затворањето на социјалните мрежи е многу опасен напад врз слободните општества, слободата на говорот и мислата“, заклучил Бериша.
Албанската влада вчера фицијално одлучи да ја забрани платформата ТикТок во земјата, а министерката за образование Огерта Манастирлиу рече дека забраната ќе важи 12 месеци.