Бериша: Оваа мерка – политичко приведување, е доказ за слепата политичка одмазда на Рама

од Stefanija Kuzmanovska
238 прегледи

Поранешниот албански премиер Сали Бериша првпат реагираше откако Специјалниот суд против организиран криминал и корупција му изрече мерка куќен притвор, 24-часовен полициски надзор и забрана на комуникација со други лица, освен оние кои живеат со него во станот.

Бериша одлуката ја нарекува „политичко апсење поради омраза, страв и желба да се уништи опозицијата“ додавајќи дека „оваа одлука против него ќе биде привремена“.

„Драги пријатели, демократи, Албанци каде и да сте. Денеска се случи она што сите го знаевме, изолација и симнување на правото на збор на лидерот на опозицијата од страна на најмафијашкиот нарко-режим на Еди Рама, кој е и најкорумпираниот диктаторски режим во Европа и пошироко“, пишува Бериша.

Според него оваа мерка е „политичко приведување и израз на стравот што позицијата му го всадила на Рама дури до коскената срж“.

„Оваа мерка – политичко приведување, доказ за слепата политичка одмазда на Еди Рама, не само што ја изразува неговата наследена омраза кон противникот, туку пред сè го изразува стравот, теророт што ние, драги пријатели, му го всадивме до срж нему и на неговиот свет на криминалот со нашата битка без враќање“, наведува тој.

Додава дека секоја мерка што ја презема оваа власт против него и опозицијата е привремена.

Тој порачува дека ќе продолжи да работи и да се бори секоја минута, со сите форми и средства за враќање на демократијата која во моментов е обезличена.

Слични содржини