Премиерот Христијан Мицкоски јасно стави на знаење дека не се откажува од идејата за отстранување државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски. Притоа, по периодов се работи на пронаоѓање на правна рамка која нема повторно негативно да влијае врз државата и судството. „Битно е дека дојдовме до констатацијата, а сега треба да видиме правниот процес како е за да не остане повторно некаква дилема за да не, потоа во некои нареден извештај повторно се најде името на овој човек и дека Владата направила нешто коешто е спротивно на, не знам што. Затоа сега дојдовме до оваа констатација. Сега оставете да го најдеме точниот пат до таму“, рече вчера Мицкоски.
Премиерот не гледа причина да се зголеми буџетот за судството, затоа што, како што рече, Македонија како држава одвојува од буџетот пари за правосудниот систем, повеќе од 75 проценти од земји членки на ЕУ. „Судија почетник, на пример во Македонија, годишната бруто-плата му е околу 19.134 евра, во Словенија 34.000 евра, некаде околу 85 проценти повеќе, во услови кога БДП на Словенија е 350 проценти поголем од нашиот. Значи четири пати повеќе, ако ги гледаме овие пропорции“, додаде Мицкоски.
Експресно стигна реакција од Германија. Амбасадорката на Сојузна Република Германија, Петра Дрекслер, изрази загриженост за дебатата околу буџетот за правосудството. Таа нагласи дека според податоците на Европската комисија за ефикасноста на правосудството, Германија инвестира пет пати повеќе по глава на жител од Македонија. За изјавите на премиерот рече дека погрешен е впечатокот.
Во јавноста се поставува дилемата зошто се ваквите изјави и споредбите со Германија за правосудството, ако се земе во предвид дека по глава на жител, Македонија одвојува 19,27 евра, додека Германија 140,73 евра – седум пати повеќе. За дел од експертите, со ваквите изјави премиерот сака да ги минимизира критиките кои доаѓаат од ЕУ и во исто време да создаде основа за тврдењето дека Македонија е спремна за влез во ЕУ, а пречка е само Бугарија.
-Не се работи за нова конфронтација со ЕУ туку едноставно за отсуство на соодветно раководење со државата кое мора да биде спакувано во лажни изјави. Со ваква изјава премиерот ги негира податоците дадени во направените анализи кои укажуваат на воочените проблеми во државата, без да понуди други/спротивни податоци. Со тоа премиерот ги негира и проблемите и се разбира и одговорноста на власта за тие проблеми, вели професорката и граѓанска активистка, Мирјана Најчевска во изјава за „Локално“.

Мирјана Најчевска – Фото: Јутјуб/Принтскрин/Тера
Според неа, она што е посебно страшно со ваквите изјави е тоа што тие вообичаено се пласираат преку телевизиите и на тој начин доаѓаат до многу голем број граѓани.
-Во отсуство на новинарски прашања, спротиставување на податоци и оспорување на ваквите изјави, тие се восприемаат од граѓаните како вистина. Тоа што постојат анализи во кои се докажува спротивното во аналитичките пишани медиуми (електронски или во хард изданија) нема ефект поради многу помалиот аудиториум, додава Најчевска.
Минатата недела, Судскиот совет, Здружението на судии и Врховниот суд му пишаа отворено писмо на премиерот. Судиите рекоа дека веќе подолго време коментарите на Мицкоски за судиите и судството ја преминале границата на доброто однесување и преминале во неаргументирани и паушални напади. Понатаму, судиите велат дека последниот извештај на Европската комисија „јасно нагласува дека најголемиот проблем во судството е независноста на судиите, која е поткопана од постојано мешање на извршната и законодавната власт“.
-Исто така, во извештајот се вели дека проблем е финансиската зависност на судството од државниот буџет, а во оваа смисла платите на судиите се само еден сегмент од финансиската независност, велат судиите.

Гордан Калајџиев
Од друга страна, универзитетскиот професор, Гордан Калајџиев смета дека „традиционално ВМРО-ДПМНЕ ја упростува демократијата мислејќи дека победата на избори им дава легитимитет да владеат како сакаат“. Во изјава за „Локално“ истакнува дека премиерот во последните настапи „дури и експлицитно судството го смести во државната управа“.
-Обврската за финансирање на судството впрочем е законска материја и не зависи од ставовите и желбите на премиерот. Ќе се воздржам од грди зборови, но ова станува дегутантно, констатира Калајџиев.
Последниот Извештај на Европската комисија нотира дека нема напредок во независноста на судството. Политички притисоци врз Судскиот совет, недостиг на кадар и средства, како и голем заостаток на предмети ја поткопуваат ефикасноста. Буџетот за судството изнесува само 0,3% од БДП, далеку под законскиот минимум. „Корупцијата останува причина за „сериозна загриженост“, се наведува во Извештајот.
Случајот „Кочани“, во кој загинаа 62 лица, откри институционална немарност и коруптивни практики. Државната комисија за спречување на корупција го загуби кредибилитетот поради скандал со претседателот, а високопрофилните случаи се развлекуваат или завршуваат со минимални казни. ЕУ бара усвојување нов Кривичен законик, подобрување на евиденцијата за конфискација на имот и засилување на финансиските истраги.