Берлин им олеснува на настраданите од земјотресот кои имаат роднини во Германија да добијат визи

од Nikola Popovski
150 прегледи

Германската влада сака привремено да го олесни добивањето визи за граѓаните кои го преживеале земјотресот во Турција и Сирија, а имаат семејни врски во Германија.

„Сакаме да им овозможиме на турските и сириските семејства во Германија да се грижат за своите роднини од регионот кои беа погодени од земјотресот“, напиша синоќа на Твитер германската министерка за внатрешни работи, Ненси Фaeзер.

Таа додаде дека граѓаните од погодените региони ќе можат да најдат место за живеење и ќе добиваат медицинска помош „со редовни визи за три месеци кои брзо ќе се издаваат“.

Сепак, не се поништуват сите услови потребни за добивање виза преку редовна процедура.

Од барателите сè уште се бара да покажат важечки пасош, што најверојатно би претставувало пречка за луѓето кои бегале од зградите што се уриваат.

Неколку милиони жители во Германија имаат турски корени бидејќи, пред повеќе од 60 години, Западна Германија регрутираше „гастарбајтери“ од Турција за да и помогне на земјата да напредува економски.

Неодамна, стотици илјади сириски бегалци дојдоа во Германија бегајќи од граѓанската војна.

Германската влада рече дека брзо ќе ги олесни инаку многу строгите барања за виза и додаде дека Министерството за надворешни работи веќе го зголемило својот персонал во Турција и капацитетот на тамошните центри за обработка на визи.

Директно засегнатите од земјотресот кои сакаат да побараат засолниште во Германија и да аплицираат за тримесечна виза треба да докажат дека имаат членови на блиското семејство во Германија кои имаат германско државјанство или постојан престој.

Германскиот член на семејството, домаќинот, мора да даде изјава со која ќе вети дека ќе ги плати трошоците за живот и подоцна заминувањето на лицето што ќе го посети.

Слични содржини