Германија истражува аудио снимка објавена од руски медиуми за која тврди дека е конференциски повик на високи германски воени претставници за оружје за Украина, што предизвикува загриженост за можна шпионажа во Германија и повици за разјаснување од страна на Русија.
Портпаролот на германското Министерство за одбрана во саботата изјави дека не може да ја потврди автентичноста на снимката, но дека Федералната канцеларија за воено контраразузнавање го истражува случајот и дека ќе бидат преземени сите неопходни чекори.
Маргарита Симонјан, новинарка на руската државна телевизија и водителка на „Russia Today“, прва ја објави аудио снимката во петокот, која беше објавена и на нејзиниот канал на Телеграм.
Агенцијата „Ројтерс“ ја преслушала снимката од 38 минути, но не можела самостојно да ја потврди нејзината автентичност.
Инволвираните лица разговарале за можна испорака на крстосувачки ракети Таурус, што канцеларот Олаф Шолц досега јавно и одлучно одбиваше. Зборувале и за обука на украинските војници и можни воени цели.
Шолц, од посетата на Рим, им порачал на новинарите во саботата дека протекувањето на снимката е „многу сериозен“ инцидент.
„Затоа сега се разјаснува многу внимателно, многу интензивно и многу брзо. Неопходно е“, додал тој.
Руската амбасада во Берлин не одговорила на барањето за коментар. Според весникот „Билд“, многу се зборува за автентичноста на прислушуваниот разговор. Во исто време на социјалната мрежа „Х“, на инсистирање на Бундесверот, биле блокирани голем број на профили кои го споделувале видеото.
Официјалниот претставник на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова изјавила дека Москва бара објаснување од Германија.