Виктор Орбан ги „собира своите баталјони“, пишува берлински „Тагесцајтунг“ за средбата на лидерите на Унгарија, Турција, Србија и на Република Српска минатиот викенд во Будимпешта.
„Владата на премиерот Орбан внимателно го избра датумот на средбата на пријателите на Унгарија: 20 август е национален празник и го одбележува основачот на државата, Стефан I од Унгарија, кој ја покрстил земјата од 1000 до 1038 година и на тој начин ја создал основи за подемот на Унгарија како европски сили“, пишува „Тагесцајтунг“.
„Во неделата (20 август 2023 година), Орбан покани различни шефови на влади во Будимпешта. Меѓу другите, турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, српскиот претседател Александар Вучиќ и неколку политичари од Централна Азија. На прв поглед, спротивставени политичари. Орбан со тоа ја покажува својата независност“, оценува авторот на написот, новинарот Ерих Ратфелдер, пренесува „Дојче веле“.
Освен тоа, во недела на новиот стадион во Будимпешта започна Светското првенство во атлетика. „Во светло на тоа, Виктор Орбан можеше да се претстави пред светската јавност како сигурен организатор и да ја демонстрира својата верзија на „историска пресвртница“: Унгарија треба да блесне, треба да покаже дека излезе од сенка на сателитите – порано на Источниот блок, а денес на ЕУ – и да ја следи сопствената национална политичка агенда. „Наместо да биде дел од ЕУ управувана од „левичарска“ клика, Унгарија треба да постави свои акценти за развојот на Европа“, пишува германскиот весник.
Политичарите во Брисел, се додава, го сметаат Виктор Орбан, кој владее автократски, за претставник на корумпирани и антидемократски режими и кој сака да ја насочи Европа во десничарска конзервативна и антидемократска насока. И тој веќе ги собира своите баталјони“, пишува авторот.
Вучиќ – директен сојузник на Орбан
„Тој најде директен сојузник во Србија. Орбан и Вучиќ делуваат како политички пар“, пишува „Тагесцајтунг“. „Исто така, без финансиската поддршка на Орбан, Милорад Додик, лидерот на босанските Срби во Босна и Херцеговина, би пропаднал не само политички, туку и финансиски. Заедничката ‘христијанска’ антимуслиманска позиција е насочена кон Унгарците, како и кон Србите, не кон салафистите, туку особено кон домородните балкански муслимани. Тие, исто така, ја споделуваат својата аверзија кон културната и сексуалната слобода во либералните демократии, а зад себе го имаат дури и свештенството од Варшава“, пишува авторот на берлинскиот весник.
Меѓутоа, кога станува збор за Русија, Варшава е против ставот на Орбан и Вучиќ. „И покрај нивните симпатии кон христијанството, Полјаците немаат што да добијат од сегашната унгарска политика кон Русија.
„На тоа не соодветствуваат ниту односите со Турција“, наведува весникот. „На Ердоган би можело да му биде тешко целосно да ги предаде и да ги напушти балканските муслимани. Тој веќе неколку пати во Сараево изјави дека ќе испрати војска доколку им се закануваат. Но, тој ја дели позицијата на Орбан кога станува збор за либералните демократии и учествува во заеднички економски проекти“.
На крајот, авторот заклучува: „Орбан сака да биде одлучувачка сила на Балканот и може да се потпре на наивноста на Брисел и на либералните демократи“. Унгарија сега треба да ја преземе командата над трупите на Европската унија во Босна и Херцеговина, а луѓето во Сараево прашуваат: „Кој треба да не заштити од нападите на националистичките Срби“.