Адвокатите на поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони поднесоа тужба против сведокот Џована Ригато за обид за изнуда. Ригато е една од сведоците во случајот што се води против поранешниот премиер поради сексуални односи со малолетничка.
Ригато од Берлускони побарала прво 500.000, а потоа и милион евра, што според адвокатот е изнуда, пишува „Фато Котиодиано“.
Ригато е една од сведоците во судскиот спор против Берлускони, таканаречен „случај Руби“, а според медиумите, таа не е единствената што примила или побарала пари во замена за нејзиното молчење.
Имено, против поранешниот премиер и лидер на партијата „Форца Италија“ се води постапка пред суд под обвинение дека имал сексуални односи со малолетничка по име Руби.
Тоа е прекарот на Мароканката Карима ел Маруг, која заедно со други девојки учествувала во таканаречените „елегантни вечери“ во вилата на Берлускони, каде што, според сведочењето, имало проституција, подведување и слично.
Џована Ригато, која учествувала на тие собири, тврди дека не изнудува пари, туку бара отштета за сè што претрпела откако била ставена на списокот на сведоци во 2010 година, а потоа и обвинета во „процесот Руби“.
Ригато им се доверила на медиумите дека немала љубовна врска со Берлускони, дека сè завршувало со бакнежи.
Таа тврди дека Берлускони ѝ ветил помош, дури и работа како новинар во една од неговите телевизии, и не гледа ништо лошо во тоа затоа што, според нејзините зборови, „Берлускони е добра и дарежлива личност која им помага на оние кои имаат потреба“.
Процесот „Руби“ трае веќе неколку години, а во последно време, сослушувањето се откажуваше неколку пати, бидејќи Берлускони беше во болница ден пред судењето под изговор дека ќе изврши здравствени прегледи и дека не се чувствува добро.