Претседателот на движењето Беса и градоначалник на општина Тетово, Биљал Касами денеска соопшти дека неговата партија нема да учествува на лидерската средба свикана од премиерот Димитар Ковачевски. Според него, средбата „е формалност за да се спаси ДУИ“.
-Една од главните европски вредности е познавањето на јазикот на еден народ, што не е случај ниту во Северна Македонија каде албанскиот јазик сѐ уште се дефинира со погрдниот термин „20 проценти“. Состанокот што го свика премиерот Ковачевски е формалност, за да се спаси ДУИ од обврската да седне на иста маса на претставниците на албанските партии, на која претставникот на ДУИ требаше да даде отчет за реализацијата, или не, на преземените обврски со договорот, во кој услов е внесувањето на албанскиот јазик во Уставот на државата, рече Касами.
Касами потенцира дека движењето Беса секогаш останува отворена и подготвена на соочување преку дијалог да ги реши прашањата за правата на народите кои се од витално значење и меѓународно загарантирани.
-Албанците се автохтони во оваа држава и не дозволуваме да бидат третирани со погрдни термини како 20 проценти. Затоа, движењето БЕСА нема да учествува на средбата што ја свика премиерот Ковачевски, истакнал Касами на прес-конференција во седиштето на партијата.
Од Беса на 1 ноември испратија покана до сите партии од албанскиот блок за заедничка средба, чиј фокус ќе биде можната замена на формулацијата „јазик кој го зборуваат 20 проценти од граѓаните“ со „албански јазик“ во Уставот.
Уште вчера беше познато дека и партијата Левица нема да учествува на денешната лидерска средба во Собранието.
-Со нас не можат да се договорат како со вмровците. Ние сме тврд орев, соопшти лидерот на партијата и пратеник Димитар Апасиев.