„Беше страшно, тој е одлучен“: Трамп се заканил дури и со воена интервенција

од Nikola Popovski
812 прегледи

Американскиот претседател Доналд Трамп опстојувал во својата решеност да го преземе Гренланд за време на жестокиот телефонски разговор со данската премиерка, изјавија високи европски претставници. Тој минатата недела разговарал 45 минути со Мете Фредериксен.

Белата куќа не го коментирала разговорот, но Фредериксен рече дека јасно ставила до знаење дека огромниот арктички остров – кој е автономен дел од Кралството Данска – не е на продажба, иако таа признала дека САД покажуваат „голем интерес“ за купување.

Петмина сегашни и поранешни високи европски функционери запознаени со разговорот за „Фајненшл Тајмс“ изјавиле дека разговорот поминал многу лошо.

Според нив, Трамп бил агресивен откако данската премиерка повторила дека островот не е на продажба и покрај нејзината понуда за проширување на соработката во областа на воените бази и експлоатација на минерали.

„Беше страшно“, рекол еден од изворите. Друг додал: „Беше мошне одлучен. Тоа беше ладен туш. Пред тоа беше тешко да се сфати сериозно неговото барање, но сега мислам дека е сериозно и потенцијално многу опасно“.

Деталите од овој разговор веројатно дополнително ќе ја продлабочат загриженоста во Европа дека враќањето на Трамп на власт сериозно ќе ги оштети трансатлантските односи, бидејќи американскиот претседател го засилува притисокот врз сојузниците да се откажат од територијата.

Трамп го започна својот втор мандат со изразување интерес да ги преземе Гренланд, Панамскиот канал, па дури и Канада.

Многу европски претставници се надеваа дека неговите изјави за преземање на контролата врз Гренланд од „причини за национална безбедност“ се само преговарачки трик за зајакнување на американското влијание на територијата на НАТО. Но, Русија и Кина исто така се натпреваруваат за позиции на Арктикот.

Меѓутоа, разговорот со Фредериксен ги уништи тие надежи и ја продлабочи надворешнополитичката криза меѓу НАТО сојузниците.

„Намерата беше многу јасна. Тие тоа го сакаат. Данците сега се во криза“, изјавил еден од изворите запознаени со повикот. Друг додал: „Данците се целосно преплашени од ова“.

Кабинетот на данската премиерка соопшти дека „не го признава толкувањето на разговорите објавени од анонимни извори“.

Гренланд, остров со само 57.000 жители, е стратешки важен затоа што претставува влез за нови бродски рути кои постепено се отвораат низ Арктикот, а исто така е богат со тешко достапни минерали.

„Претседателот Трамп јасно стави до знаење дека безбедноста и заштитата на Гренланд се од најголема важност за САД, додека Кина и Русија прават значителни инвестиции во регионот на Арктикот“, изјави портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа.

На почетокот на јануари, Трамп се закани дека ќе воведе царини за Данска доколку таа се спротивстави на неговите планови за Гренланд.

Тој, исто така, не ја исклучи можноста за воена акција за заземање на островот.

„Луѓето навистина не знаат дали Данска воопшто има право на Гренланд, но ако имаат право, треба да го предадат затоа што ни е потребно за националната безбедност“, рече Трамп на прес-конференција неколку дена пред преземањето на функцијата.

Муте Егеде, премиерот на Гренланд, постојано нагласи дека островјаните сакаат независност, а не американско или данско државјанство.

Тој, сепак, го поздрави интересот на американските компании за рударството и туризмот.

Фредериксен минатата недела одржа состанок со лидерите на најголемите дански компании, вклучувајќи ги Ново Нордиск и Карлсберг, за да разговараат за заканите на Трамп, вклучително и можните царини против Данска.

На денот на нејзиниот разговор со Трамп, Фредериксен изјави за данската ТВ2: „Нема сомнеж дека постои голем интерес за Гренланд. Врз основа на денешниот разговор, нема причина да се верува дека овој интерес е помал од она што го слушнавме во јавните дискусии“.

Слични содржини