Mинистерот за финансии Фатмир Бесими на дебатата на НТВ за Буџетот 2021, на која учествуваат и премиерот Зоран Заев и економски експерти изјави дека од следната година буџетскиот дефицит ќе се намалува, за до 2025 година да се сведе на 2,1 проценти или под Мастришкиот критериум.
– Предвидена е консолидација на буџетскиот дефицит, но приоритет е да се реализираат политиките на владата за заштита на здравјето на граѓаните и на заштита на економијата. Имаме неколку цели кои се ургентни – едната е здравјето на граѓаните, понатаму економијата да се одржи и третото е сите други процеси кои се важни вклучително на евроинтеграциските процеси и водење на правото, потоа инвестирањето во човечки ресурси кои ои ќе бидат двигатели на долгорочниот раст, вели тој за Националната телевизија.
Од аспект на подобрувањето на наплатата на приходите во буџетот Бесими ги посочи мерките за намалување на сивата економија, за спречување и сузбивање на корупцијата, понатаму зајакнати инспекциски контроли од страна на Управата за јавни приходи, мерки за наплата на даночниот долг од страна на поединци и трговски друштва и стратегија за даночна политика која ќе ја зголеми ефикасноста и ефективноста на даночниот систем.