Оваа година економијата ќе забележи раст, додека веќе следната ќе се врати во преткризна состојва, информираше министерот за економија, Фатмир Бесими.
Тој на Форумот на Централна и Источна Европа, потенцираше дека на среден рок, очекува повисоки стапки на раст на економската активност и достигнување на просечно ниво од пет отсто во следните пет години, со паралелна фискална консолидација во насока на одржливост на растот.
Како што вели министерот, годинава се очекува закрепнување на инвестициската активност, потрошувачката и нето странската побарувачка, при што е проектиран раст од 4,1 отсто во 2021 година, согласно основното сценарио. Ова сценарио претпоставува слабеење на здравствената криза и етапно подобрување на епидемиолошката слика, повисока искористеност на производствените и услужните капацитети, поволни ефекти од економските мерки, како и зголемена доверба кај потрошувачите и инвеститорите.
Бесими истакна и дека одговорот на пандемијата од страна на нашата Влада преку фискалната политика бил брз, внимателно таргетиран и значаен од аспект на поддршката на претпријатијата и вработените во најпогодените дејности и на ранливите категории на население. Четирите пакети на економски мерки беа насочени кон поддршка на домаќинствата и нивната потрошувачка, помош за фирмите со цел одржување на работните места и подобрување на нивната ликвидност, но и нивна поддршка за инвестиции и извоз. Тој посочи дека државната помош преку различни мерки ќе продолжи и во 2021 година, со цел побрзо закрепнувањена домашната економија и создавање основа за забрзан економски раст на подолг рок.
Што се однесува до процесот на привлекувањето странски директни инвестиции, Бесими посочи дека новите законски решенија се во насока на привлекување на инвестиции кои ќе продуцираат поголема додадена вредност. Тој потенцира дека во изминативе години учеството на извозот на компаниите во ТИРЗ во вкупниот извоз на стоки од економијата постојано е во пораст, достигнувајќи 43,5 отсто од вкупниот извоз во 2019 година.
Министерот меѓудругото вели и дека како резултат на странските инвестиции во зоните има подобрување во структурата на извозот, односно зголемување на учеството на производи со повисока додадена вредност, главно машини, транспортни уреди и хемиски производи, кое во 2019 година достигна 57,2 процента од вкупниот извоз, наспроти 17,3 отсто во 2010 година.
На панелот на кој учествуваше министерот Бесими, учествуваа и вицепремиерите и министри за финансии на Хрватска и Унгарија, како и министрите за финансии на Полска и Бугарија.
На форумот на „Еуромани” редовно учествуваат министри за финансии, гувернери на централни банки, раководители на финансиски институции и инвеститори.