Република Северна Македонија припаѓа на европското семејство и секогаш може да смета на поддршката од Европската Унија. ЕУ е наш значаен партнер во спроведување на реформите на патот кон целосна евроинтеграција, во реализацијата на значајни и приоритетни проекти, но секако значајна улога има и во поддршка на политиките и мерките што ги спроведува Владата во справување на кризата.ва беше истакнато на денешната средба помеѓу министерот за финансии Фатмир Бесими со еврокомесарот за буџет и администрација Јоханес Хан во Брисел.
На средбата министерот ги посочи напорите коишто Владата ги вложува за да истовремено одговори на предизвиците што произлегуваат од кризата и истовремено да продолжи со политиките коишто ќе донесат забрзан економски раст. Беше истакнато и носењето на новиот Закон за буџети, кој ќе донесе суштински промени во управувањето со јавните финансии, како и континуираните напори на Министерстсвото за финансии за јакнење на фискалната транспарентност, како и доброто менаџирање во подготовката на Програмата за економски реформи, кој е суштински документ во пристапниот процес.
Министерството за финансии упати барање до ЕК за макро финансиска поддршка, за што на средбата беше даден јасен сигнал дека земјата може, како и во ковид-кризата, да смета на поддршката од овој инструмент.
„Нашата земја веќе трета година, како и целиот свет, е во криза. По двегодишната ковид-криза, се надоврза енергетската и ценовната криза. Беа донесени пакети мерки од 1,1 милијарда евра за поддршка на населението и бизнисот во ковид-кризата, како и два пакети од 750 милиони евра за амортизирање на ударот од актуелната криза.
Дополнително од буџетот за да се обезбеди субвенционирана цена за снабдување со електрична енергија на граѓаните и околу 70 илјади компании на регулираниот пазар се пласирани директно во ЕСМ 240 милиони евра за производство на електрична енергија и за обезбедување топлинска енергија. Со тоа поддршката кон населението и стопанството достигнува 1 милијарда евра. Тоа е значителен притисок врз буџетот и јавниот долг, но значајно е дека политиките што ги спроведуваме беа препознаени од меѓународните финансиски инститиуции и успеавме да го обезбедиме финансирањето и да го затвориме со најнизок можен трошок“, рече министерот Бесими.
На средбата министерот Бесими и еврокомесарот Хан се осврнаа на активностите што се одвиваат во рамки на пристапниот процес на земјава во ЕУ по одржувањето на Првата меѓувладина конференција и почнатиот скрининг процес, како и на спроведување на препораките нотирани во Извештајот за напредокот на РС Македонија за 2022 година.