Не ја разбирам пресудата и не ми е јасно како ме поврзуваат со модуларната болница. Од самите документи и докази што сме ги доставиле, се гледа дека во ниту еден момент не сум бил изведувач, ниту надзор, ниту сум ја примил, што постои во документите. Не сум потписник. Само знам дека сум обвинет за ПП-апарати, а дали имало или немало, тоа во текот на судскиот процес го кажаа сведоците, рече обвинетиот поранешен директор на Клиничката болница во Тетово, Флорим Бесими после судскиот процес за пожарот во тетовската модуларна болница.
Бесими во изјава за медиумите нагласи дека ќе се спротивстави на пресудата и ќе го бара неговото право во повисоките судски институции.
Тој се заблагодари до медиумите за поддршката во текот на целиот судски процес.
-Не смеевме пред тоа да кажеме. Жалам за трагичниот настан и не сум виновен. Не сум потписник, ниту надзор и останувам да ја барам правдата, со цел сите семејства на жртвите да ја знаат вистината. Заслужуваат да ја знаат вистината, а најзаинтересиран сум јас, кажа Бесими.
Двајцата директори Флорин Бесими и Артан Етеми добија условни пресуди. Тие беа обвинети за дела против општата сигурност. Осудени се на казна затвор од 1 година и 6 месеци условно, ако во период од три години не сторат ново кривично дело. Осудени се и да платат парична казна од 4 000 денари.
Д-р Бобан Вучески и ЈЗУ Клиничка болница Тетово, кои беа обвинети за кривичното дело „Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“ се ослободуваат од обвинение, односно кај нив нема пронајдено вина.
Во пожарот кој се случи вечерта на 8 септември 2021 година, изгореа 14 лица, од кои 12 пациенти и две лица придружба.