Бесими на средба со првиот човек на ММФ: Линијата за претпазливост и ликвидност се доделува на земјите со добри економски политики

од Vladimir Zorba
300 прегледи

Добрите економски политики и економската стабилност ја квалификуваат Република Северна Македонија за користење на инструментот за претпазливост и ликвидност на ММФ, кој се доделува исклучително на земјите со здрави економски фундаменти. Ова беше истакнато на состанокот помеѓу првиот човек на Меѓународниот монетарен фонд, директорката Кристалина Георгиева, министерот за финансии Фатмир Бесими и гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, која се одржа во рамки на Пролетните средби во Вашингтон. Ова е прва официална средба помеѓу министер за финансии на земјава и директор на ММФ изминатите години, што ја покажува поддршката на оваа меѓународна институција за нашата земја.

Неделава, ММФ објави дека Георгиева пред Бордот на ММФ ќе го претстави барањето на Република Северна Македонија за користење на Линијата за претпазливост и ликвидност (Precautionary and Liquidity Line – PLL). Оваа линија, како што се наведува и на веб-страната на Фондот, е наменета исклучително за земји кои имаат здрава економија и здрави економски политики. Само земји со позитивни оцени од последната мисија на ММФ може да се квалификуваат за користење на овој инструмент. Дополнително, Фондот врши и оцена на стабилноста економските политики кои ги практикува Владата и монетарните власти, финансиската стабилност и статистичките податоци кои се објавуваат.

Министерот за финансии за време на средбите посочи дека фокусот на фискалната политика во претстојниот период ќе биде во насока на поддршка на стандардот на граѓаните и на стопанството, согласно предизвиците кои ги наметнуваат ценовната и енергетската криза. На среден рок, определбата на Владата е насочена кон постигнување на одржлив економски развој, фискална консолидација и спроведување на структурните реформи.

Слични содржини