Спроведување на амбициозната реформска агенда е вистинскиот пат за враќање на долгорочни стапки на раст во земјава. Фокусот на политиките е насочен кон обезбедување одржливост на јавните финансии, отпорност на шокови, зелена транзиција, дигитализација, воведување иновативни решенија, зајакнување на човечкиот капитал и слично. Приоритетите се дел и од напорите на земјата за зачленување во ЕУ и обезбедување подобар животен стандард за граѓаните и олеснети услови за бизнис. Ова беше посочено на средбите на министерот за финансии со новата потпретседателка на Светска банка за регионот на Европа и Централна Азија, Антонела Басани и извршниот директор на СБ, Кун Давидсe, кои се одржаа во рамки Пролетните средби на СБ и ММФ во Вашингтон.
„Приоритетите кои што се дел од владината реформска агенда се комплементарни со програмите што ги спроведуваме со нашите поддржувачи, ЕУ, ММФ и СБ. Тие се меѓусебно поврзани и имаат крајна цел да обезбедиме инклузивен раст. Тековната Стратегија со Светска банка за периодот 2019-2023 е посветена на поддршка на општинска инфраструктура, изградба на патиша, модернизација на земјоделството, енергетска ефикасност, реформи во социјалниот сектор и основното образование. Приоритетите коишто ќе бидат дел од натамошната соработка со Светската банка ќе бидат дефинирани согласно веќе усвоените правила за мерење на резултатите“, рече министерот за финансии Фатмир Бесими.
Тој додаде дека со реформата која се спроведува во управувањето со јавните финансии, веќе се воспоставија фискалните правила, кои се однесуваат на нивото на буџетскиот дефицит и јавниот долг, како и индикатори на успешност, односно да се инвестираат парите онаму каде ќе дадат најдобри резултати. Законот за буџети веќе е усвоен. Со Светска банка се работи на воспоставување на новиот Интегиран информациски систем – ИФМИС, кој произлегува од Законот, како и на зајакнување на човечкиот капитал, а за што е изработена Стратегија за развој на човечкиот капитал.
Кризите со кои се соочивме во изминатиот период, како ковид-кризата и енергетската и ценовната криза, според министерот ги детектираа дигитализацијата, вложувањето во човечкиот капитал и енергетиката како области во кои треба да се насочат инвестиции, а кои крајно ќе испорачаат подобри економски резултати.
Светска банка во земјава досега има обезбедено техничка и финансиска помош во 65 проекти во вредност од над 2,8 милијарди америкаснки долари. Во моментов се работи на 9 проекти во вредност од 404 милиони америкаснки долари. Поддршката во наредниот период ќе биде насочена во одржлив развој на општините, квалитет на воздухот, дигитална економија, како и справуање со енергетската криза.