Бесими: Над дваесет пати повеќе ЕУ фондови по глава на жител по влезот во ЕУ

од Vladimir Zorba
264 прегледи

Како што земјата се приближува до Унијата, така се отклучуваат повеќе фондови, достапни за користење, развојни и структурни. Членките пак, имаат на располагање фондови кои се повеќекратно повисоки во однос на кандидатите за членство. Ќе дадам една споредба помеѓу Кохезиониот фонд и ИПА претпристапните фондови на ЕУ, пишува министерот за финансии Фатмир Бесими во својата редовна викенд колумна.

„Кохезиониот фонд е наменет за поддршка на земјите-членки на ЕУ, кои имаат бруто национален доход (Gross National Income) понизок од 90% од ЕУ-27 просекот. Целта на овој фонд е да ги зајакне економски помалку развиените земји-членки, а со крајна цел, економска и социјална кохезија во ЕУ. Со средствата од Кохезиониот фонд се поддржуваат проекти во областа на животната средина, како и трансевропските мрежи во областа на транспортната инфраструктура. За периодот од 2021-2027 година, земји кои се кориснички на Кохезиониот фонд се Бугарија, Чешка, Естонија, Грција, Хрватска, Кипар, Латвија, Литванија, Унгарија, Малта, Полска, Португалија, Романија, Словачка и Словенија или околу 128 милиони жители на Унијата. За периодот од 2021-2027 година, преку овој фонд, на овие земји им се достапни 392 милијарди евра, или според груби пресметки околу 3.000 евра по глава на жител кај овие земји (со вкупно население од 128 милиони жители).

За истиот период на земјите кои се кандидати или потенцијални кандидати за членство во Унијата им е достапен претпристапниот фонд – ИПА III (2021-2027), во вкупен износ од 14,2 милијарди евра. Целта на овој фонд втемелен на принципот на солидарност е да ги поддржи земјите аспиранти за членство да ги имплементираат политичките, институционалните, правните, административните, социјалните и економските реформи, коишто се бараат од нив за да се ускладат со правилата, стандардите, политиките и праксите на Европската Унија, за на тој начин да се осигура понатаму нејзината стабилност, сигурност и просперитет. Според груби пресметки, со ИПА III се обезбедуваат по околу 140 евра по глава на жител за граѓаните на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија, Црна Гора, Србија и Турција (со вкупно население од 103 милиони жители).

Сумарно, разликата од чекалната на ЕУ – до внатре во Унијата е 2.868 евра по глава на жител, односно 21,8 пати повеќе (3.006/138=21,8). Тоа значи, дека според грубите пресметки, членството во Унијата ќе донесе дополнителни 2.868 евра по глава на секој жител во земјава, односно дополнителни 5,2 милијарди евра за пет години, што е на исто ниво колку што колку што е буџетот на нашата земја за 2023 година. Ова се средства со кои ќе можеме да имаме подобра инфраструктура, подобри услови за живот, повеќе средства за работа на нашите претпријатија и подобар животен стандард за нашите работници. Ќе напомнам дека ова е само груба пресметка, додека придобивките од членството се многукратно поголеми и на повеќе фронтови, како што пишав и погоре. Се разбира, постојат и трошоци поврзани со адаптацијата на производството и почитувањето на ригорозните еколошки стандарди, кои и онака неминовно мора да се спроведуваат во насока на зголемена конкурентност и отпорност на нашето стопанство, кое сака да се интегрира во европскиот и глобалниот синџир на создавање вредност.

Во една од минатите колумни посветени на ЕУ (ќе нагласам уште еднаш и како вицепремиер за европски прашања и како министер за финансии, ЕУ е моја постојана инспирација за анализи и осврти), пишував за буџетот на ЕУ, кој за периодот 2021-2027 година е проценет на околу 2.000 милијарди евра, средства насочени кон поддршка на областите: Климатска и дигитална интеграција; Заеднички пазар и иновации; Кохезија, отпорност и заеднички вредности; Природни ресурси и околина; Миграција и управување со граничниот простор; Соседство и свет и Европска јавна администрација. Ова е само во насока читателската публика да добие поширока претстава за сите фондови кои стојат на располагање и за кандидатите, но многу повеќе за членките на ЕУ“, истакнува Бесими.

Слични содржини