Следната аукција за деветтата еврообврзница на РС Македонија ќе биде на сума од 600 милиони евра. Инвеститорите кои претходно наддаваа за неа, се заинтересирани повторно да се пријават на аукцијата која ќе се реализира веднаш по изборот на новиот министер за правда. Постапката за повторување на аукцијата, од правен аспект е и во интерес на инвеститорите, додека тврдењата кои излегоа во јавноста дека ќе се плаќаат некакви пенали кон нив се невистините. Ова го посочи министерот за финансии, Фатмир Бесими, во интервју за првиот програм на националниот сервис МТВ.
Објаснувајќи го одлагањето на издавањето на еврообврзницата, министерот за финансии, посочи дека мислењето од министерот за правда не можело да се побара порано, бидејќи согласно процедурата од аукцијата на еврообврзницата до порамнувањето, односно издавањето на еврообврзницата, треба да изминат 5 работни дена. Тој наведе дека постојано биле во контакт со институциите, агентите и инвеститорите и од аспект на запазување на процедурата, најоптимална одлука е потворување на аукцијата.
„Имаме одличен конзорциум на банки, кој веќе 20 години не поддржуваат на финансиските пазари. Бевме во комуникација со инвеститорите, тие беа информирани, информиравме и на платформата Блумберг и излеговме веднаш со соопштение за јавноста. Во ваква ситуација, најдобро за инвеститорите е повторно да се повтори аукцијата, отколку да се остави правен вакум дали важи тоа мислење или не. Доколку се издаде неважечки документ, тоа би било поголема штета и тоа инвеститорите го ценат”, вели Бесими.
Министерот посочува дека на претходната аукција главно се пријавени инвеститори кои и досега поседувале наши еврообврзници и се и понатаму заинтересирани за запишување на деветата еврообврзница, следствено очекува и следната аукција да биде успешна. За каматата истакна дека не би шпекулирал бидејќи тоа зависи од меѓународните пазари.
„Слушнав одредени коментари дека се тргувала еврообврзницата на секундарниот пазар. Тоа не е точно, бидејќи таа воопшто не била издадена, односно не ја поседувале инвеститорите за да ја тргуваат”, вели Бесими и ги побива гласините дека на инвеститорите треба да им се исплатат пенали.
Со средствата од еврообврзницата ќе се финансира евробврзицата од 2016 година, која доспева во јули, соодветно има доволно време за да се заврши процесот на издавање на еврообврзницата.