Министерот за финансии Фатмир Бесими кажа дека во текот на наредните денови ќе биде соопштено какви паркет на мерки ќе се креираат за надминување на актуелната состојба во економијата за спречување на ценовните шокови.
-Од премиерот е испратена официјална покана и утре во 17 часот во Владата ќе има средба на Економскиот совет во поширок состав. На средбата покрај министрите од економските ресори ќе присуствуваат и надворешни експерти од земјава. Тие ќе дадат свој придонес во однос на согледувањето на актуелните состојби во економијата и кои би биле евентуално можни предлози и идеи за натамошни решенија, рече Бесими во Тема на денот на ТВ Сител.
Тој нагласи дека сега е веќе извесно дека руско-украинската криза нема да трае кратко и оти нема да заврши во наредните денови.
-Продолжува неизвесноста, не знаеме колку ќе трае, но веројатно нема толку брзо да заврши. Се бараат алтернативни чекори за снабдувањето со руски гас, а и стопанствениците сами бараат начини во однос на другите производи што се увезуваат од таму, рече Бесими.