Кога зборуваме за домашната економија, релативно млада пазарна економија во подем, сметам дека горенаведените фактори би придонеле кон забрзување на растот, како и обезбедување на неговата одржливост. Попрецизно, зборувам за инвестиции во човечкиот капитал и водење на демографски политики за одржливост, одржлива фискална политика, континуиран раст на јавните инвестиции во приоритетните области и развој на инфраструктура, државна поддршка за развој на конкурентноста на приватниот сектор, понатамошно олеснување на административните процедури за водење на бизнис, градење на партнерства, позиционирање на мапите на инвеститорите преку водење на одговорни политики и поволна инвестициска клима, користење на придобивките од евроинтегративниот процес, поддршка за рамномерен регионален и локален економски развој, зелена и дигитална трансформација, пишува министерот за финансии Фатмир Бесими во својата редовна викенд колумна.
„Годишниот раст во изминатите две декади во просек е околу 2,5% од БДП. Според сценаријата за раст на економијата во наредните дваесет години се проектира просечен годишен реален раст на БДП за 2,6%. Но, овој раст може скоро двојно да го забрзаме до потребните 5% за побрза конвергенција кон европската економија, преку дејствување кон следните области, кои се дел од Националната развојна стратегија: 1. Одржлива, иновативна и конкурентна економија, 2. Одржлив локален и регионален развој, кој обезбедува кохезија, 3. Демографска ревитализација и социјален и културен развој, 4. Владеење на правото и добро управување, 5. Сигурно, безбедно и отпорно општество, и 6. Зелена и дигитална трансформација.
Спроведувањето на Националната развојна стратегија претполага имплементација на повеќе секторски стратегии и програми со акциски планови по области и приоритети кои се ревидирани и подготвени во последните две години: Стратегијата за развој на човечкиот капитал, Стратегијата за паметна специјализација, Стратегијата за унапредување на извозот, Стратегијата за одржлив развој, Стратегијата за развој на енергетиката, Стратегијата за дигитализација и сајбер безбедност, Стратегијата за локален и регионален развој Стратегијата за управување со јавните финансии, Стратегијата за формализација на неформалната економија, како и стратегии во областа на развојот на земјоделството и безбедноста на храна, стратегии во областа на социјалната заштита, здравството, образованието, културата, туризмот, поддршката на млади и спорт, безбедноста и одбраната.
Прво и најважно, најдрагоцениот ресурс кој го имаме и во чиј развој треба да вложуваме е човечкиот капитал. Според индексот на човечкиот капитал на Светската банка нашите деца користат само половина од нивниот потенцијал кога ќе ја достигнат работоспособната возраст, односно за 25-30% помалку во однос на децата кои живеат во развиените земји. Иако во текот на изминатите неколку години забележуваме подобрување по основ на овој индекс, тоа не е доволно. Суштински е да се продолжи со реализација на Стратегијата за развој на човечкиот капитал, бидејќи ова не се краткорочни политики и потребна е повеќегодишна политичка волја, посветеност и конзистентност за да се постигнат соодветни резултати. Со развојот на човечкиот капитал оди и паметната специјализација за креирање и преструктуирање на кадрите кои ќе одговорат на потребите на стопанството, на пазарот на трудот. Задржувањето на кадрите во земјата е уште една алка во синџирот, преку создавање на подобри услови за живот, па дури понатаму и привлекување на стручни кадри од други држави (глобалните номади) или таканаречено привлекување на интелектот („brain gain“). Поддршката на развојниот фактор продуктивност може да се засили преку дигитализацијата, односно паметно користење на вештачката интелигенција и технологијата за унапредување на процесите.
Вториот фактор на кој треба да делуваме e капиталот, односно инвестиците. Едно од клучните прашања е како да се позиционираме подобро на мапите на странските инвеститори. Одговорот на ова прашање лежи во политиките за поддршка на инвестициите (транспарентни, со даночни поволности и едноставни процедури), владеење на правото, развој на инфраструктурата, инвестициите во човечкиот капитал и обезбедување на стручни кадри, стабилно политичко окружување, пристап до пазарите и трговски договори, инвестирање во економските зони и глобално поврзување. Еднакво важно е стимулирањето на домашните инвестиции, поттикнувањето на претприемништвото и иновативноста, особено во нови технологии кои вообичаено носат многу поголема додадена вредност. Во контекст на развојот на вториот производствен фактор, финансиите, ќе го истакнам Планот за забрзување на растот, кој преку иновативни решенија има за цел да го мултиплицира капиталот, и јавниот и приватниот, и да го стави во функција на развојот.
Како што видовме претходно од глобалниот контекст, фокусот во иднина ќе биде на иновативноста, претприемништвото, изнаоѓањето на нови решенија на ризиците кои ќе се акумулираат на долг рок. Мудрото користење на технолошките откритија и зачувувањето на планетата ќе бидат во фокусот на глобалните лидери. Но, тие може да донесат придобивки и за нашата економија, преку негување на култура на поврзување, градење на партнерства и поддршка на иновативноста.
Третиот, последен и не помалку важен фактор е одржливоста, како на природното окружување, така и на политиките. Водењето на конзистентни и одговорни политики засновани на докази е од суштинско значење за економскиот развој“, пишува, меѓу другото, Бесими.