Бесими: Во време на криза не треба шпекулативно да се зголемуваат цените

од Vladimir Zorba
268 прегледи

Во време на криза не треба шпекулативно да се зголемуваат цените. Владата е подготвена да разговара со мелничката индустрија и да реагира соодветно за да ги заштити граѓаните. Но, секој носи дел од одговорноста, рече денеска министерот за финансии Фатмир Бесими во врска со најавите во медиумите за поскапување на лебот.

Според Бесими, најавите за поскапувањата само влијаат врз очекувањата на пазарот и дополнително ги оптоваруваат и загреваат очекувањата за цените. Медиумските укажувања на работи кои влијаат врз очекувањата на стопанството, вели Бесими, не помагаат во економијата, туку дополнително создаваат очекувања за зголемување на трошоците.

Цената на белиот леб, нагласи Бесими, е 33 денари и тука нема поскапувања. Како што најави, можно е уште денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски на владина седница да излезе со нова предлог-мерка.

-Ги прочитав сите најави од мелничката индустрија. Дали откупната цена на пченицата е повисока во однос на минатата година? Не. Дали електричната енергија е поскапа? Не. Што во меѓувреме се случило за да најават поскапување на лебот? Во постојана комуникација сум со двајцата министри, за економија и за земјоделство, како и со премиерот. Ние сме отворени да разговараме за која било тема, но најавите за поскапувањата само влијаат врз очекувањата на пазарот и дополнително ги оптоваруваат и загреваат очекувањата за цените. Ќе се разговара со нив и ќе излеземе во пресрет на секоја ситуација во однос на овие ситуации што може да влијаат од аспект на ценовната криза. Сите ние, ресорните министри, ќе разговараме со нив и во секоја фаза сме подготвени да реагираме со мерки, истакна Бесими, одговорајќи на новинарски прашања по потпишувањето на Договорот за заем од ЕБОР.

Министерот уште еднаш напомена дека Владата е подготвена да разговара за секое прашање.

-Секој си носи дел од својата одговорвност. Во време на криза не треба шпекулативно да се зголемуваат цените. Не прејудицирам дека тука има шпекулации, но сакам да кажам дека за кое било такво прашање сме подготвени да разговараме, зашто медиумски укажувања на работи кои влијаат врз очекувањата на стопанството не помагаат во економијата, туку дополнтелно создаваат очекувања за зголемување на трошоците, рече Бесими.

Слични содржини