Издавањето на граѓанската обврзница, како нов инструмент на пазарот, ќе даде можност на граѓаните да ги инвестираат своите пари и за тоа да добијат добри и безбедни приноси, изјави министерот за финансии Фатмир Бесими во гостување во емисијата „Вин Вин“ на ТВ Телма.
„Воведувањето на граѓанската обврзница како инструмент на финансискиот пазар има повеќе придобивки. Првата е што граѓаните ќе имаат можност да ги инвестираат своите заштеди во хартии од вредност кои се прилично безризични, носат принос и ја штитат нивната вредност поради инфлацијата. Второ е што со нивното издавање ќе се влијае на развој на пазарот на капитал и ќе се воспостави пракса и граѓаните да се вклучат во тој сегмент. И трето, од кое очекуваме ефекти понатаму, а тоа е да влијае на намалување на готовината во оптек и намалување на сивата економија“, истакна Бесими.
Станува збор за инструмент кој има развојна компонента, бидејќи средствата што ќе се обезбедат од овие инструменти на пазарот на капитал ќе се инвестираат во проекти кои се планирани со Буџетот. Односно тие се веќе планирани во буџетскиот дефицит, а кој во оваа година е во целост насочен кон капитални расходи.
Министерот посочи дека како што е веќе најавено износот на една обврзница ќе биде 10.000 денари, а каматата ќе биде пониска од онаа што е постигната за еврообврзницата, а повисока од каматата на депозитите.
Оцени дека воведувањето на овој инструмент нема да има негативно влијание врз депозитите во банките, бидејќи сумата што е планирана од 50 милиони евра е само 1 процент од депозитите во банките.
Во гостувањето се осврна на политиките што се преземаат за справување со кризата и намалување на инфлацијата. При тоа потенцира дека фискалната и монетарната политика се во постојана координација и оти фискалната политика помага на монетарната во нејзините напори за справување со инфалцијата.
Министерот Бесими во врска со изградбата на Коридорот 8 и 10 д, упати на тоа дека станува збор за стратешки проект и дека начинот кој е избран да се реализира е со цел тој да се реализира во пократок рок и дека се прават напори да се направи финансирањето на најоптимален начин. Најави дека интерес за финансирање на проектот има изразено од американската Ексим банка, како и од банката на Велика Британија и други конзорциуми.