Минимална и максимална просечна тарифа, предлага Регулаторната комисија, кога станува збор за цената на водата, а истата ќе ја одбере Јавното комунално претпријатели, односно во случајов ЈКП „Исар“ Штип, вели за МИА, претседателот на Регулаторната комисија, Марко Беслиомоски.
„Сакам да потенцирам дека Регулаторна комисија предлог одлуката ја има доставено до ЈКП „Исар“ и нивно е дали ќе ја прифатат или не. Одлуката за зголемување на цената на водата за пиење за наредните три години ја донесува Советот на Општина Штип. Во нашата одлука максималната цена е пониска од цената којашто ја побарале од ЈКП „Исар“. За домаќинства ЈКП „Исар“ побарале 46,68 денари, а минимална според нас може да биде иста како и сегашната, а максималната 46,39 денари“, посочува Бислимоски.
Исто така, тој вели и дека од ЈКП „Исар“ имале барање за зголемување на цената на отпадните води, но Регулаторна комисија предложила да се намали. Бислимоски потенцираше дека вакви тригодишни предлози за цената на водата за пиење добиле сите општини, кои имаат над 10.000 жители.