Нов безбедносен инцидент со беспилотно летало е регистриран денеска во Полска, откако мал дрон се урнал во близина на воена база во централниот дел на земјата, соопштија локалните власти.
Станува збор за комерцијално достапен модел кој паднал во градот Лоѓ, откако, според првичните информации, се заплеткал во дрво. Воениот сектор каде што се случил инцидентот не претрпел никаква штета, потврди воената полиција.
Надлежните служби брзо го идентификувале и привеле осомничениот оператор, 22-годишен полски државјанин, кој е обвинет за прекршување на прописите за воздухопловство. Според полските закони, управување со беспилотни летала во близина на воени објекти може да резултира со затворска казна до пет години. Истрагата за случајот е во тек.
Ова не е прв ваков инцидент. На 28 јануари мал дрон падна врз воена база во градот Пжасниш, објави Kyiv Independent.
Во изминатиот период, забележаните летови на беспилотни летала во повеќе европски земји предизвикаа прекини во воздушниот сообраќај и ја засилија загриженоста за можната ескалација на руската хибридна војна. Полска, како членка на НАТО, се наоѓа во состојба на зголемена безбедносна готовност уште од септември, кога неколку руски дронови беа соборени над нејзина територија за време на напади врз Украина.
Инцидентот доаѓа по серија нарушувања на воздушниот простор на балтичките земји членки на НАТО од страна на руски борбени авиони, како и по сомнителни појави на беспилотни летала над европски аеродроми и други стратешки објекти. Дел од западните лидери во меѓувреме повикаа на поцврст и покоординиран одговор, вклучително и соборување на беспилотни летала кога тоа е неопходно.