Бесплатен превоз до здравствените установи за сите полнолетни лица со попреченост од Општина Центар обезбеди денеска градоначалникот Горан Герасимовски со потпишување на Меморандумот за соработка со секретарот на Црвен крст на Град Скопје, Саит Саити. Оваа соработка значи превоз до здравствените установи со наменски возила за корисници за лица над 18 години, кои користат ортопедско помагало (инвалидски колички, дубаци или одалки), а живеат на територија на Општина Центар-Скопје, како и лица над 18 години кои не користат ортопедско помагало, но поради болест се во лежечка состојба (неподвижни).
Градоначалникот Герасимовски уверува дека бесплатниот превоз до болниците ќе биде големо олеснување за семејствата и корисниците кои не се во можност често да ги користат здравствените услуги.
„Верувам дека бесплатниот превоз до болниците е исклучително важна мерка особено за лицата кои немаат помагала или не се во состојба да се движат. Општина Центар сериозно вложува во проекти кои ја зајакнуваат социјалната и здравствената заштита за граѓаните затоа и издвои 500 000 денари од општинскиот буџет со цел да им го олесни пристапот до болниците и лекарите на граѓаните кои имаат најголема потреба за тоа. Доколку корисникот е подвижен превозот ќе биде реализиран со мало наменско возило, а доколку тој е неподвижен превозот ќе се спроведе со специјално наменско возило. Должноста на секој човек е да се грижи и помага онаму каде може затоа сум искрено среќен што преку оваа услуга ќе им го олесниме транспортот на лицата со попреченост до сите здравствени установи во Град Скопје”, изјави Герасимовски.
Граѓаните кои имаат потреба од користење на оваа услуга, потребно е својот превоз да го закажат минимум 24 часа однапред јавувајќи се на телефонскиот број 02/15330, во контакт центарот на ЦКРСМ, секој ден (од понеделник до петок), од 06:00 до 00:00 часот. Со остварување на 1 телефонски повик може да се закаже превоз за еден корисник, до една конкретна дестинација.
Термин за превоз се закажува по принципот “прв дојден прв услужен”, а транспортот се врши од понеделник до петок, од 08:00 до 16:00 часот. Корисниците имаат право на бесплатен превоз во еден правец максимум 10 пати во текот на 1 година но доколку имаат потреба од повеќе истиот може да го платат согласно ценовникот на Црвен крст на Република Северна Македонија.