Беверли Ајкинс, мајката на американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс, ја одбележа 10-годишнината од прекинот на употребата на алкохол и дрога на церемонија во Белата куќа. Опкружена со пријатели и семејството, таа доби медалјон.
Нејзината борба со зависноста од дрога и алкохол беше откриена во мемоарите на Венс Хилбили елегија, како и за време на потпретседателската дебата во октомври минатата година. „Пораснав во работничко семејство. Главно ме одгледа баба ми, бидејќи мајка ми се бореше со зависноста“, призна тогаш Венс.
Ајкинс пораснала во насилно домаќинство. Нејзините проблеми со зависноста започнале додека работела како медицинска сестра, земајќи лекови против болки за да ги ублажи главоболките. Подоцна почнала да користи опиоиди, како Перкоцет, а на крајот и хероин.
Нејзиното закрепнување започнало во 2015 година. Откако некое време живеела во својот автомобил, се преселила во клиника за рехабилитација.
Кога Венс ја прифати номинацијата за потпретседател, во својот говор изјави: „Горд сум што можам да кажам дека вечерва мајка ми е тука – 10 години чиста и трезна. Те сакам, мамо. И знаеш, мамо, размислував… Официјално ќе наполнат 10 години во јануари 2025 година, и ако претседателот Трамп нема ништо против, ќе ја прославиме во Белата куќа.“
Ајкинс моментално работи како медицинска сестра во центар за рехабилитација од дрога во Синсинати. Помладиот брат на Трамп, Фред Трамп, се борел со алкохолизам пред да почине на 42-годишна возраст. Трамп често нагласува дека цел живот избегнувал алкохол.