Без активности кај „Горица 3“ во Охрид: Нема трага од почеток на градбата на најавуваниот луксузен хотел

од Vladimir Zorba
948 прегледи

Лимената ограда и таблата на која пишува „Внимание градилиште“ засега се единствените сведоци дека на ова место се планира изградба на хотелски комплекс. На оградената површина со преубав поглед на Охридското езеро нема никакви градежни активности, нема ниту багери ниту работници.

Како инвеститор и изведувач на комплексот на локалитетот „Горица“ во Охрид, е наведена фирмата „Дивелоп груп” ДОО од Скопје. „Локално“ се обиде од фирмата да добие информација зошто нема градежни активности на парцелата но одговор на поставените прашања испратени на нивната електронска пошта не добивме.

Кога започна подготовката на теренот за изградба на овој комплекс, имаше бројни реакции во јавноста. Иницијативата „О2“ обвини дека за таа намена е уништена шума стара повеќе од 70 години, но тогаш останаа неодговорени нивните прашања кој и зошто го продал државното богатство кое во минатото макотрпно се пошумувало и кој издал градежна дозвола за тоа.

За оваа локација во Мај месец, по иницијатива на тогашната министерка за култура, седница одржа националната комисија на УНЕСКО при што беше побарано од Општината Охрид како надлежен орган, да се достави целокупната документација околу изградбата.

„Локално“ побара и доби став од градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков. Тој уверува дека целата постапка со посочената локација е завршена уште пред тој да седне во фотељата.

„Со оглед на тоа дека и претходно бев прозван од некои иницијативи и медиуми во врска со изградба на хотел во месноста Горица, а во интерес на јавноста би сакал уште еднаш и во оваа прилика да ги да ги изнесам следните факти: Во 2007 година од страна на Општина Охрид е предложен план за вон населено место туристички локалитет Горица, кој од мнозинството советници е усвоен. Понатака во 2011 година врз основа на усвоениот план е организирано јавно наддавање од страна на Министерството за транспорт и врски, а по завршувањето на истото е склучен договор за оттуѓување на градежно земјиште со најповолниот понудувач.

Понатака во 2012 година е издадено одобрение за градење на инвеститорот, а во 2013 година е склучен анекс од страна на Општина Охрид согласно измени во Законот за градежно земјиште со кој е предвидено плаќање договорна казна за непочитување на рокови. Исто така анекс на договор е направен и во 2020 година е направен уште еден анекс со Општина Охрид согласно измени во Законот за градежно земјиште – уреденост на градежното земјште согласно УПВНМ.Од погоре наведеното може да се констатира дека целокупната постапка е започната и завршена многу оддамна пред моето доаѓање на позиција градоначалник, па оттука нејасно ми зошто токму јас сум повикан за нешто што се случувало оддамна, иако на оваа тема многу пати се зборувало во минатото. Овие факти нека служат како одговор до сите медиуми и иницијативи кои што доставуваа барања за информации од јавен карактер“, рече Пецаков за Локално.

Парцелата од 15.772 метри квадратни според О2, е сопственост на Дивелоп груп односно на Александар Ивановски и компанијата „Бест веј инвестмент“ од Скопје, која е во сопственост на Јордан Мијалков, син на екс- директорот на УБК, Сашо Мијалков.

Во меѓувреме, на локацијата останува тивко. Откако пред неполни два месеца тешка механизација го исчисти и измазни целиот терен, не се одвиваат никакви градежни активности.

Според очекувањата на охриѓани, на местото кое сега е целосно подготвено за почеток на градба, најверојатно само прашање на ден е кога ќе дојдат првите градежни работници.

Дилемата дали стартот ќе биде по завршување на летната сезона засега е отворена, па оттука на јавноста единствено и останува да почека.

К.В.С.

Фото: „Локално“

Слични содржини