Екипата на Вардар имаше добар натпревар на гостувањето во Португалија, но после неколку неискористени шанси во клучните моменти се враќа дома без бодови и со пораз од 24:27.
Одлично Вардарци го отворија мечот, по седум минути игра му дозволија на противникот да постигне само еден гол. Играта на македонскиот претставник одлично функционираше, Ристовски отвори со две одбрани, додека Чупиќ и Валчак донесоа водство од 1:5 во седмата минута.
Потоа двата клуба си имаа свои минути, па на пауза се замина со нерешен резултат 13-13. Во вториот дел Порто се одлепи, „црвено-црните“ потоа постојано бркаа, но не успеаа да го направат тој дополнителен исчекор иако имаа можности за тоа.
Вториот дел беше отворен лошо. Тимот на Порто отвори со 4:0 и тоа за пет минути. Се чинеше дека овие четири гола ќе бидат најава за сигурни бодови на Португалците, а уште посилно беше во моментот кога во 38. минута беше 19:14. Плус пет беше и четири минути подоцна при 21:16, тука тренерот на Порто, Магнус Андерсон ги честеше вардарци бидејќи почна упорно да игра 7 на 6.
На крајот португалскиот состав победи со три разлика и со тоа ги „избриша“ одличните изданија на Ристовски и Дибиров, првиот имаше 15 одбрани, вториот 9 голови.
Дибиров постигна девет погодоци, следен од Јотиќ кој имаше пет, а на спротивната страна седум голови беа дело на Бранкињо.
За „црвено-црните“ ова е вкупно четврти пораз и моментно последно осмо место во групата „А“ со три бодови. Порто со третиот триумф се наоѓа на четвртата позиција со осум бодови.