Членовите на Извршниот одбор на Лекарската комора денес на прес-конференција не споделија детали од извршениот стручен надзор во врска со случајот со родилката која остана без јајник, матка и бубрег. Тие соопштија дека не го виделе извештајот од стручниот надзор и не го коментираа, а имињата на лекарите кои учествувале во истиот остануваат тајна.
„Поради притисоци од семејството пациентите и колегите, имињата на членовите на Комисијата се загарантирано безбедни“, изјави проф. д-р Калина Гривчева Старделова, претседател на Лекарската комора.
Старделова и членовите појаснуваа дека тие не се регулаторно тело, туку дека вршат само стручен надзор за одредени случаи кога тоа се бара од нив, а извештаите ги доставуваат до Министерството за здравство, до барателот за стручниот надзор и до установата во која се прави надзорот.
Додаде дека тие како Лекарска комора не можат да утврдуваат лекарска грешка, туку тоа треба да го направат судски вештаци откако тој случај ќе влезе во судска процедура.
„Вршење надзор е само стручно мислење од избрана група од наши членови, колеги од областа. Вообичаено таа група изнесува од три до пет члена, а во Лекарската комора годишно вакви стручни надзори се вршат во голем број. Ние не сме регулативно тело, а тука настана целата забуна во која Лекарската комора беше ставена во улога на суд“, рече Старделова.
Министерот за здравство рече дека идната недела ќе заземат став.
Родилката Веапоска кажа дека самата ќе ја бара вистината за тоа дали органите се нејзини и дали е оправдано тоа што директорот гинеколог Мухамед Асани при породувањето и ги извадил матката, бубрегот и еден јајник. Вели дека ќе ги носи и во приватни клиники и во странство за да ја дознае вистината.