Без изненадување: Вембањама прогласен за Дебитант на годината во НБА

од Vladimir Zorba
121 прегледи

Виктор Вембањама од Сан Антонио Спарс го освои гласањето за дебитант на сезоната во НБА. Тој ги доби сите 99 гласови за прво место, со што стана првиот едногласен победник на анкетата по Ралф Сампсон, Дејвид Робинсон, Блејк Грифин, Демијан Лилард и Карл-Ентони Таунс.

Друг центар заврши на второто место – Чет Холмгрен од Оклахома Сити Тандер. Тој доби 98 од 99 гласа за втората позиција.

„Мојата цел отсекогаш била да му помогнам на тимот, како и да ја подобрам мојата игра како што одминува сезоната. Знаев дека за да ја освојам наградата за Дебитант на годината, морав да бидам совршен и доминантен на теренот. Почестен сум дека победив“, изјави Вембањама во интервју за ТНТ.

Репрезентативецот на Франција беше избран за број 1 со големи очекувања, кои ги оправда во првата сезона. Вембањама заврши со просек од 21,4 поени, 10,6 скока, 3,9 асистенции и 1,2 украдени топки во 71 натпревар.

Тој, исто така, блокираше водечки 254 удари во регуларниот дел од сезоната.

Слични содржини