Без опозицијата започнуваат подготовките за изготвување на уставните измени

од Nikola Popovski
122 прегледи

Процесот за уставни измени ќе започне, без оглед што процедурата за нив се уште не е започната во парламентот, а дел од опозициските партии нема да учествуваат во работната група, бидејќи измените во основниот закон со вклучување на Бугарите во уставот на земјата се заложба што нашата земја ја презеде со усвојувањето на преговарачката рамка за членство во ЕУ. Ова стана јасно од зборовите на премиерот Димитар Ковачевски, како одговор на новинарско прашање.

Ковачевски ја повтори тезата дека во земјава има два концепти за развој – едниот кој го поддржува влезот на земјата во НАТО и ЕУ, а другиот на „политичките партии како Левица и нејзиниот заложник ВМРО-ДПМНЕ, кои се против тоа“.

„За мене беше очекувано кои партии ќе влезат во работната група за уставни измени, а кои не. Она што го кажав уште во септември минатата година, се докажува. Опозицијата ниту еднаш не гласаше за одлуките за влез во НАТО, ниту пак за договорот со Фронтнекс, во кој за првпат македонскиот јазик е дел од договор во кој се наведени јазиците на земјите од ЕУ. Подобрување на животниот стандард, градење на демократски институции на повисоко ниво, членството во ЕУ не може да биде заложник на кариерата на еден човек, тоа е заложба на сите во парламентот“, рече Ковачевски, потсетувајќи дека ова не се последните уставни измени за земјава на патот кон членство во ЕУ.

Вчера истече рокот што Министерството за правда го постави за да сеформира работна група за изработка на конкретните уставни измени, по што тие ќе бидат презентирани и дискутирани во академската заедница, невладините организации, бизнис секторот, преку медиумите и јавно, па дури потоа ќе влезат во собраниска процедура. За да бидат изгласани во парламентот, потребно е двотретинско мнозинство, кое владечкото мнозинство го нема без гласовите на опозицијата.

Експертите кои ќе влезат во работната група се претставници предложени од политичките партии, претседателот, Министерството за надворешни работи, Секретаријатот за европски прашања, како и независни експерти. Претставниците на дел од опозициските партии најавија дека нема да учествуваат во неа.

Слични содржини