Иако законскиот рок за исплата на платите помина на 15 април, вработените во културните установи ширум земјата сè уште не ја добиле својата мартовска плата. Оваа ситуација предизвика остри реакции од опозициската СДСМ, кои предупредуваат дека доцнењето доаѓа во чувствителен момент, пред најголемиот христијански празник Велигден.
Од партијата реагираат дека ваквиот пропуст не е само техничко прашање, туку директен удар врз достоинството на луѓето кои секојдневно работат на зачувување на културното и духовното наследство на земјата.
„Да се остават културните работници без плата во денови кога семејствата се собираат, кога празниците повикуваат на заедништво и топлина, е чин на рамнодушност и институционален срам“, велат од СДСМ.
Посочуваат дека министерот за култура Зоран Љутков потфрлил, не само во извршување на својата функција, туку и како човек кој доаѓа од светот на културата.
„Разочарувачки е што токму тој, кој некогаш стоел на сцена, не покажува емпатија кон своите колеги. Културата не смее да биде последна. Овие луѓе заслужуваат почит, сигурност и достоинство, а не понижување и страв,“ се додава во реакцијата.
СДСМ бара итна исплата на платите и повикува на политичка и морална одговорност.