„Безбеден град“ изрекол околу 500 казни на првиот ден

„Имаме од прилика околу петстотини сообраќајни прекршоци што се констатирани од паметните камери и сакам да укажам една огромна благодарност до македонските граѓани и совесните учесници во сообраќајот бидејќи вие сте тие што овозможивте драстично да се намали бројката за два месеци, некаде од над 120 000 на 500 прекршоци“, соопшти Тошковски

од Nikola Popovski
24 прегледи Фото: Принтскрин/Фејсбук

Почна да функционира системот „Безбеден град“, на територијата на градовите Скопје, Тетово и Куманово и на коридорите 8 и 10. Во првата фаза, системот ќе ги детектира следниве прекршоци: минување на црвено светло, непрописно паркирање, управување со возило со измината регистрација и возење со брзина над дозволената.

Од Министерството за внатрешни работи велат, овој систем е значајна инвестиција во безбедноста на граѓаните, наменет да спасува човечки животи, а насочен против оние што свесно ги кршат сообраќајните правила.

Првиот ден од воведувањето на новиот систем за видео-надзор, донесе значителни резултати во намалувањето на прекршоците, истакна министерот за внатрешни работи, Тошковски. Според неговите информации, на територијата каде што системот беше активиран, се регистрирани околу 500 прекршоци, што е драстично намалување во споредба со претходните денови. „Очигледно е дека присуството на системот влијае превентивно и граѓаните се почесто ја почитуваат законот“, истакна Тошковски.

„Денес сме први февруари, некаде околу 20 часот. Имаме значително намалување на бројката на сообраќајни прекршоци во споредба од пред два месеца кога започнавме со тест периодот. Имаме од прилика околу петстотини сообраќајни прекршоци што се констатирани од паметните камери и сакам да укажам една огромна благодарност до македонските граѓани и совесните учесници во сообраќајот бидејќи вие сте тие што овозможивте драстично да се намали бројката за два месеци, некаде од над 120 000 на 500 прекршоци. Вие сте тие што го намаливте бројот на повредени лица во сообраќајни незгодни некаде за околу 35 отсто на територија на СВР Скопје и вие сте тие што го намаливте бројот на смртни случаи настанати во рамки на сообраќајни незгоди од 11 на четири“, потенцира синоќа првиот полицаец во државата.

Глобите за сообраќајните прекршоци ќе бидат од 15 до 500 евра, но ако плаќањето е во рок од осум дена, ќе се платат само 50%. Во текот на годината, системот се очекува да биде проширен низ целата територија на Македонија.