Безбедносни мерки на највисоко ниво во Тирана поради посетата на Зеленски и самитот Украина – Западен Балкан

од Radmila Tasevska
521 прегледи

Пред посетата на украинскиот претседател Володимир Зеленски и самитот Украина – Југоисточна Европа, безбедносните мерки во Тирана се подигнати на највисоко ниво.

На Зеленски ова му е прва посета на Тирана, каде ќе пристигне вечерта на 27 февруари, ден пред дводневниот самит на кој е најавено учество на 13 европски лидери, вклучително и шестмината од Западен Балкан, како и претставник на ЕУ.

– Самитот ќе се одржи под високи безбедносни мерки. Спроведувањето на планот мерки за непречено одвивање на редот и безбедноста од страна на државната полиција ќе започне на 27 февруари, пред Зеленски да пристигне на аеродромот во Тирана.  Покрај другите, над 1.500 полициски сили ќе бидат ангажирани за одржување на редот и безбедноста на самитот, јавија албанските медиуми.

На терен ќе бидат распоредени полициски службеници од сите сектори, меѓу кои оние за антитероризмот, за експлозивни направи, единицата за брзо распоредување, специјалната единица РЕНЕА, сообраќајната полиција.

– Исто така, Националната гарда и тајната служба, ШИШ, ќе имаат многу агенти за следење на социјалните мрежи, покрај теренот. Исто така, на сите гранични премини се испратени фотографии од лица за кои постои сомнеж дека имаат екстремистички тенденции, за да не им биде дозволен влез во земјата, наведуваат медиумите.

Во однос на безбедноста на високите гости кои ќе учествуваат на самитот, пристигнати се и странски експерти, кои ќе бидат дел од придружбата на аеродромот, како и специјална група која е задолжена за безбедноста на украинскиот претседател Зеленски.

Мерките што ги презема државната полиција се во соработка со други органи на прогонот, во и надвор од државата, со цел гарантирање на јавниот ред и безбедност, како и за непречено одвивање на Самитот.

Од безбедносни причини и за да се гарантира успехот на овој самит, ќе има блокирања и пренасочувања на движењето на меѓуградски и урбани улици во главниот град, пред, за време и до завршување на самитот и заминување на гостите.

Слични содржини