БГНЕС: Божиновска во 2004 со свој ракопис – Изјавувам дека имам бугарска самосвест и потекло

од Nikola Popovski
347 прегледи

„Изјавувам дека имам бугарска самосвест и бугарско потекло. Ова во 2004 година го напишала актуелната министерка за енергетика и бугарска државјанка Сања Божиновска“, пренесе утрово бугарската новинска агенција, БГНЕС. Барањето според информациите до кои дошол медиумот било поднесено пред две децении и во него таа го изразила своето убедување дека има бугарски идентитет и корени.

-Еден од најблиските министри на премиерот Христијан Мицкоски го покажа своето убедување дека има бугарски идентитет и корени. Во потпишаниот документ на Божиновска не се наведени „економски причини“ или „работа во странство“ како причина што таа ја тврди. Вакви основи за државјанство не постојат според бугарското законодавство. Згора на тоа, во 2004 година, Бугарија сè уште не беше членка на Европската унија. Сања Божиновска добро знаела за постапката, бидејќи покрај мајка ѝ и татко ѝ, и нејзиниот брат Даниел е бугарски државјанин, стои во текстот на бугарскиот медиум.

Според БГНЕС, доколку Божиновска дала лажни информации, тогаш според бугарското законодавство може кривично да одговора.

Пред десетина дена, министерката се огласи на социјалните мрежи по повод изјавата на бугарската потпретседателка, Илијана Јотова која кажа дека лично ги видела нејзините документи и таму стои дека изјавува дека има бугарска самосвест.

-Госпоѓата Јотова живее во свет на фантазии од деветнаесеттиот век. Ниту еден граѓанин на Македонија нема потпишано изјава дека се чувствува за Бугарин, туку тоа го прават бугарски адвокати кои наплаќаат пари за да посредуваат. Ниту еден граѓанин на Македонија кој добил бугарско државјанство не се чувствува за Бугарин. Всушност тоа го видовме и на пописот во Македонија со екстремно симболичната бројка на попишани Бугари, објави Божиновска.

Божиновска ја повика Јотова, наместо со „ситни полициски подметнувања“, да се фокусира на признавањето на правата на Македонците во Бугарија како малцинство и да им обезбеди основни човекови права.

Бугарскиот европратеник Андреј Ковачев застана во одбрана на македонската министерка за енергетика. Тој во објава на социјалните мрежи замери дека „Божиновска се соочува со јавен линч во Македонија бидејќи е Бугарка“.

-Таа и нејзиното семејство, заедно со над 150.000 други граѓани на РСМ, стекнале бугарско државјанство врз основа на докажано бугарско етничко потекло и изјавиле дека се чувствуваат како Бугари. Покрај Сања Божиновска, има и десетици актуелни или поранешни премиери, министри и заменици кои самите или нивните семејства се во иста ситуација на најголемиот прекршок – да се Бугари. Очигледно е дека за да ги задржат своите функции и кариери, тие се принудени да ја кријат својата бугарска самосвест и потекло, а често дури и да ја клеветат Бугарија само за да не бидат осомничени дека се Бугари. Без да ги оправдам за ова, донекаде ги разбирам – тие само се обидуваат да преживеат по цена на се. Иако формално на високи позиции, и тие, како и другите десетици илјади Бугари таму, се жртви на антибугарската пропаганда и омраза, останати од времето на комунизмот и Титова Југославија, а кои денес станаа главни државната идеологија и политика, објави Ковачев на својот официјален Фејсбук-профил на почетокот на месец октомври.

Европратеникот ги повика „бугарските власти и институции да ги заштитат правата и честа на Божиновска, нејзиното семејство и сите други граѓани на РСМ кои се дрзнале да го признаат своето бугарско потекло и да се изјаснат како Бугари“.

Откако беше прозвана за нејзиното бугарско државјанство, министерката претходно на социјалните мрежи објави дека „е родена во Скопје, Македонка сум и секогаш ќе бидам Македонка“. Додаде дека „сите други зајадливи коментари, чудни прашања и погрешно толкувани одговори ќе ги разберам и прифатам како цена на моето скромно и мало политичко искуство“.

Во својата објава на Фејсбук истакна дека не се вратила дома за да се меша во политички игри, туку за да го вложи знаењето и искуството во енергетиката како специфична и тешка проблематика.

На последната прес-конференција одржана на почетокот на октомври од страна на министерката по повод 100 дена од мандатот на Владата, Божиновска рече дека поседува македонско и чешко државјанство откако беше запрашана од новинар дали се уште поседува бугарско државјанство. Таа притоа го праша новинарот „дали (таквото прашање) е релевантно за отчетот за енергетика“ за изминатите 100 дена од Владата.

Беше запрашана и дали може да стави на увид на јавноста документ од бугарските власти со кој се потврдува дека е прифатено нејзиното барање за отпуст, односно дека веќе не е бугарска државјанка.

-Ќе проверам со адвокатите и ќе ве известам, одговори Божиновска.

Слични содржини