Напаѓачот на Манчестер Јунајтед, Кристијано Роналдо, добил крајно примамлива понуда, пишува „Мирор“.
Според нивните извори, неименуван клуб од Саудиска Арабија бил подготвен да му плати на Португалецот 240 милиони евра за само една сезона. Тоа секако ќе го направи Роналдо најплатен фудбалер на сите времиња, но тој ја одбил понудата.
Неодамна претседателот на фудбалската федерација на Саудиска Арабија, Јасир Ал-Машал изјави дека сака да го види 37-годишниот ас во првенството на својата земја.
Роналдо неодамна се обиде да го напушти „Олд Трафорд“ и да се пресели во клуб кој игра во Лигата на шампионите, но неговите планови не успеаја. Тој има договор со „црвените ѓаволи“ до 2023 година.
Португалецот не е задоволен од минутажата што ја добива во Манчестер, под палката на Ерик Тен Хаг. Од почетокот на сезоната тој се уште нема постигнато ниту еден гол во Премиер лигата, а шансата за гол ја пропушти на натпреварот од Лига на Европа против шпанскиот Сосиедад во кој ги одигра сите 90 минути.