Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, во интервју за РСЕ, изјави дека Србија, како суверена држава, има право да учествува во заеднички воени вежби со Кина, но се дистанцира од ставот на претседателот на земјата, Александар Вучиќ, кон Пекинг, „бидејќи нејзините целокупни постапки (на Кина – н.з..) се сомнителни“.
„Србија може сама да донесува одлуки за своите партнерства. Но, да не бидеме наивни во врска со Кина“, рече Руте, истакнувајќи ја загриженоста на алијансата за соработката на Пекинг со Русија, Северна Кореја и Иран. Според него, процесите во Индо-пацифичкиот регион и евроатлантскиот простор се „сè повеќе поврзани и испреплетени“.
Руте додаде дека НАТО одржува дијалог со Србија, а тој самиот е во директен контакт со претседателот Александар Вучиќ.
„Би се дистанцирал од она што претседателот Вучиќ го прави со Кина“, рече тој, додавајќи дека алијансата мора да ја обезбеди безбедноста на земјите-членки „од секој што би им наштетил“.
Генералниот секретар, исто така, истакна дека распоредувањето на кинеските вооружени сили и нивните воени капацитети бара внимателно следење.
„Кога го гледаме огромното зголемување на кинеските вооружени сили, треба да бидеме навистина свесни за тоа што се случува таму“, рече Руте, кој во интервјуто главно зборуваше за напорите за завршување на војната меѓу Русија и Украина.
Србија, која официјално одржува воена неутралност, ја одржа својата прва заедничка воена вежба со Кина во јули оваа година, потсети регионалната телевизија Н1. Десетдневната обука на специјалните сили се одржа во покраината Хебеј и покрај предупредувањата од ЕУ. Земјата ја зајакнува својата воено-техничка соработка со Пекинг, откако купи шест беспилотни летала CH-92A од Кина во 2020 година, а две години подоцна го стекна и противвоздушниот ракетен систем FK-3. Според РСЕ, Србија нарачала и нови извидувачки беспилотни летала CH-95.
Предупредувања за продлабочувањето на соработката меѓу Белград и Пекинг во областа на одбраната доаѓаат и од Вашингтон, потсетува медиумот.