Bifidobacterium може да го намали ризикот од рак на дебелото црево, покажува истражувањe

од Vladimir Zorba
53 прегледи

Редовното консумирање јогурт може да го намали ризикот од рак на дебелото црево, покажа ново истражување. Научниците открија дека бактеријата Bifidobacterium игра клучна улога во овој процес, но важно е да се консумира доволно јогурт за да се постигне заштитен ефект. Ракот на дебелото црево се јавува кога клетките во дебелото црево или ректумот растат неконтролирано, формирајќи тумори кои, доколку не се лекуваат, можат да се прошират на остатокот од телото.

Иако оваа форма на рак најчесто се јавува кај луѓе над 50 години, загрижувачки е што дијагнозите кај помладите возрасни се зголемуваат во последно време.

Студијата спроведена од Универзитетот Бригам во Масачусетс сугерира дека долгорочното консумирање јогурт може да обезбеди заштита од рак на дебелото црево благодарение на промените во цревната микробиота.

Истражувачите анализирале децениски податоци за исхраната и откриле дека консумирањето најмалку две порции јогурт неделно не е поврзано со помал севкупен ризик од рак, но значително го намалува ризикот од рак на дебелото црево. „Нашата студија дава уникатни докази за потенцијалните придобивки од јогуртот“, рече епидемиологот и истражувач Др. Шуџи Огино за „Њујорк Пост“.

Јогуртот содржи живи, активни бактериски култури кои можат позитивно да влијаат на здравјето на дигестивниот систем. „Додамна се веруваше дека јогуртот и другите ферментирани млечни производи се корисни за здравјето на дигестивниот систем“, вели еден од водечките автори на студијата, д-р. Томотака Угаи од Харвард.

Дополнително, претходните истражувања ја поврзаа добрата цревна микробиота со целокупното здравје, па дури беше сугерирано дека Паркинсоновата болест може да започне во цревата.

„Оваа студија дополнително ја потврдува поврзаноста помеѓу исхраната, цревната микробиота и ризикот од рак на дебелото црево“, рече гастроентерологот Др. Ендрју Т. Чан. Тој истакнува дека овие наоди се особено важни бидејќи отвораат простор за понатамошни истражувања за улогата на исхраната и микробиотите во развојот на ракот кај помладите луѓе.

Слични содржини