„Бикини Мун“ на Манчевски со светска премиера во Сао Пауло

од Vladimir Zorba
72 прегледи

Филмот „Бикини Мун“, на нашиот меѓународно докажан режисер, Милчо Манчевски, ќе има светска премиера на 41-от интернационален филмски фестивал во Сао Пауло. Како што објавија од фестивалот, филмот ќе биде прикажан на 21 октомври во програмата Специјални презентации, а ќе биде повод и за панел дискусија и предавање на тема етичност во документарниот филм. „Бикини Мун“, раскажува за една неспокојна жена, поранешен маринец, која се враќа од Ирак и додека да се интегрира во средината, влегува во фокусот на еден документарен филм, информира Телма.

„Бикини Мун“ зборува за експлоатицијата на единката од страна на медиумите. Инспирација беше доминацијата на снимањето денес, од прислушување на Големиот Брат до селфи на Фејсбук. Деновиве се спремам за пат во Бразил на премиерата и се радувам што филмот веќе не е во мои раце“, вели Манчевски.

Во насловната улога настапува Кондола Рашад, позната по новата американска серија „Милијарди“ и по бродвејската верзија на шекспировата трагедија „Ромео и Јулија“, со Орландо Блум. Директор на фотографија е Џошуа Вајнстин, а дизајнот на продукцијата го направи Дејвид Манс. „Бикини Мун“ е снимен минатата година во Њујорк, како копродукција меѓу САД, Германија и Канада. Тој е прв филм на Манчевски, без учество на Македонија. Покрај овој филм, на фестивалот во Сао Пауло ќе се одржи и бразилската премиера на краткометражниот експериментален филм на Милчо Манчевски, „Крајот на времето“./Телма