Основачот на американскиот технолошки гигант Microsoft, Бил Гејтс, ги опиша постапките на Илон Маск, вклучително и неговото поврзување со екстремно десничарски политичари и обидите да се меша во политиката на другите земји, како „лудo ср*ње“.
Маск покрена серија неосновани обвинувања против британските политичари во последните неколку недели, тврдејќи дека тие прикриле скандал со силување пред повеќе од една деценија. Обединетото Кралство моментално работи на донесување нов закон за сајбер безбедност што би можел да ограничи некои бизниси на Маск, вклучително и социјалната мрежа Х.
Дополнително, Маск направи гест кој потсетува на нацистички поздрав на неодамнешниот митинг, што предизвика глобална осуда. Како одговор, Маск објави серија шеги поврзани со терминот „нацист“. Инцидентот се случи на 80-годишнината од ослободувањето на нацистичкиот логор на смртта Аушвиц.
Гејтс, исто така, го критикуваше Маск за неговата зголемена поврзаност со екстремно десничарските политичари, вклучително и неговата поддршка за британскиот активист и исламофоб Томи Робинсон и десничарската партија Алтернатива за Германија (AfD).
„Ја поддржувате десницата, но Најџел Фараж не е доволно радикален за вас. Тоа е „лудo ср*ње“, изјави Гејтс во интервју за Сандеј Тајмс.
„Ако некој е исклучително паметен – а Маск е – треба да размислува како да помогне, а не да го подгрева популизмот“, додаде.
Основачот на Microsoft и филантроп Гејтс го обвини Маск дека го „преувеличува“ своето политичко влијание.
„Неверојатно е некој да ги дестабилизира политичките ситуации во земјите“, рече Гејтс. „САД не дозволуваат странски државјани да финансираат политички кампањи; можеби другите земји треба да воведат заштитни мерки за да ги спречат супербогатите странци да влијаат на нивните избори“.
Гејтс истакна дека е тешко да се разбере зошто Маск, кој ги предводи компаниите како што се Tesla и SpaceX и има клучни бизниси во Кина и Германија, би губел време на неосновани теории на заговор поврзани со Обединетото Кралство.
„Тој има фабрика за автомобили во Кина и Германија, бизнис од ракети зависен од односите со суверени држави и пет компании со кои управува, а опседнат е со приказната за силување во Велика Британија“, рече Гејтс. „Неверојатно“.
Гејтс донираше 50 милиони долари за кампањата на Камала Харис пред таа да загуби од Доналд Трамп на претседателските избори во ноември. Исто така, преку фондацијата Гејтс, тој донираше речиси 60 милијарди долари за искоренување на болести како што се полио, маларија и ХИВ.
Сепак, Гејтс се соочи со критики за време на пандемијата Ковид-19, кога републиканците го обвинија дека ги преувеличува опасностите и профитира од вакцините.
„Треба да имате смисла за хумор“, рече Гејтс. „Светот повеќе не е логичен и мора да прифатите дека може да се сметате за Антихрист додека се обидувате да помогнете“.
И покрај критиките, Гејтс вечераше со Трамп во неговиот клуб Мар-а-Лаго во Флорида на 27 декември. Разговорот траел три часа и бил, според Гејтс, продуктивен.
„Трамп има многу можности да помогне“, заклучи Гејтс. „Кој може да го инспирира претседателот Трамп да ги поддржи вистинските работи, тој ја врши Божјата работа“, наведува „Гардијан“.