Бил и Хилари Клинтон ја поддржаа Харис да биде противкандидат на Трамп на изборите

од Vladimir Zorba
57 прегледи

Поранешниот американски претседател Бил Клинтон и неговата сопруга, поранешната државна секретарка Хилари Клинтон, му се придружија на претседателот Џозеф Бајден во поддршката на потпретседателката Камала Харис да го заземе неговото место во кампањата, откако Бајден претходно најави повлекување од трката.

„Почестени сме да му се придружиме на претседателот (Бајден) во поддршката на потпретседателот (Камала) Харис и ќе направиме се што можеме за да ја поддржиме“, се вели во заедничката изјава на Клинтонови што ја пренесе Си-Ен-Ен.

Шефот на Демократската национална конвенција, Џејми Харисон, рече дека партијата ќе преземе „транспарентен и уреден процес за да продолжи напред“ во изборот на кандидат по повлекувањето на Бајден.

„Овој процес ќе се води според утврдените партиски правила и процедури“, напиша Харисон во изјавата во неделата, пренесе Си-Ен-Ен.

Харисон изјави дека партиските делегати се „подготвени сериозно да ја сфатат својата одговорност“ и брзо да му објават кандидат на американскиот народ.

„На краток рок, американскиот народ ќе слушне од Демократската партија за следните чекори и за патот напред за процесот на номинација“, рече претставник на Демократската партија.

Американскиот претседател Џозеф Бајден одлучи денеска да ја прекине кампањата за втор мандат во Белата куќа, по зголемениот притисок од демократите да се повлече од изборната трка по лошиот настап за време на дебатата со републиканскиот кандидат Доналд Трамп.

Повлекувањето на Бајден од изборната трка го отвора патот за потпретседателката на САД Камала Харис да биде прва афроамериканска кандидатка за шеф на државата во американската историја.

Неколку минути откако Бајден најави излегување од изборната трка, неговиот противкандидат Доналд Трамп во телефонски разговор за Си-Ен-Ен (CNN) го опиша актуелниот шеф на државата како „најлошиот претседател во историјата“ на САД и рече дека мисли дека „Потпретседателката Камала Харис ќе биде полесно да се победи од Бајден“.

Камала Харис моментално важи за миленик на многу претставници на Демократската партија, објави Гласот на Америка.

Бајден се откажа од својата кандидатура за втор мандат по јавниот и приватниот притисок од многу демократски членови на Конгресот и партиски функционери.

Објавата на Бајден уследи по бранот јавен и приватен притисок од конгресните демократи и партиски функционери да се откаже од трката по шокантно лошиот настап во телевизиската дебата минатиот месец против републиканскиот ривал Доналд Трамп, објави Ројтерс.

Слични содржини