Биљали: Украина ќе стане вазал на Русија – ќе згасне демократијата во земја голема колку Франција

од Vladimir Zorba
586 прегледи

Моментално за стопирањето на конфликтот во Украина не можат ништо да направат ниту НАТО ни ЕУ, ни ОН, а не па ние. За жал во врска со Украина, западњаците направиja голема почетничка грешка, вели професорот и политичики аналитичар Мерсел Биљали во разговор за „Локално“.

-Прво, долго време ги хранеа недежите на Украина за членство во НАТО, а воопшто не беа сигурни дали тоа е добро, оти украинскиот народ е доста близок со рускиот, па со години ја вртеа Украина лево-десно за членството. Второ, наместо на време да се согласат, па дури и самите да предложат некаква трајна неутралност за Украина, со што Путин ќе беше парализиран, тие се надеваа на блефирање на Путин. Тие со главата во облаци мислеа дека Путин цело време блефира, се додека не им се случи Доњецк и Луганск. Па потоа мислеле дека тоа е само за преговорачки позиции, за да на крај дa увидиме дека баш ништо не мислеле! Секој основец и почетник ќе каже дека Путин сега има потреба за лично истакнување за да продолжи да биде цар во Русија, вели Биљали.

Тој посочува дека „диктаторите никогаш нема лесно да попуштат“ посочувајќи го Хитлер како водач кој до последниот ден не попушти, појаснувајќи дека сега Украина и Западот ја имаат истата мака на врат, оставајќи ја Украина на немилост.

– Тоа што светот сега праќа „поздрави и честитки.. или „жалопојки“, ништо не значи и ништо не менува од катастрофалната западна политика во однос на еден болен ум од 21 век кој резонира со логиката на 18 век. Значи, треба сите да се плашиме од тоа што толкав мал ум го води светот. За тоа треба сериозно и Господ да биде загрижен! Србија, или подобро речено Вучиќ го прави тоа што е можно, оти српската публика навива за Путин, смета аналитичарот.

Биљали се согласува со споредбата на многумина европски и регионални аналитичари кои велат дека Путин наликува на Адолф Хитлер по неговиот начин на делување и нападот на Украина.

-Хитлер почна со некави претензии, па истите вакви европски умови тогаш мислеле дека Хитлер ќе се задоволи со Чехословачка и мир во куќата. Потоа видовме што пекол се случи во Европа и светот. Не мислам дека насилно треба сега да се делува, туку доволно мудро и одговорно, а не со логиката што ќе мислат гласачите. Така не бива државник. Со предложувањето на статусот на неутралност за Украина, Путин ќе останеше без ниедна карта, најмалку без опасна карта. Сега Украина е окупирана. Ќе стане вазал на Русија. Ќе згасне демократијата на една голема држава колку што е Франција. Светот веќе не може да биде ист, оти Путин силно зајакнува и на околните држави. И тие многу стравуваат. Тоа е резултат на ваква глупава западнњачка политика!, смета тој.

Аналитичарот смета дека со капитулација на Украина ќе заврши инвазијата.

-Украинците не се Талибанци за да бидат бомбаши самоубијци, кои и СССР и САД ги натераа да „легнат на брашно“. Овие се културни луѓе и ќе бидат покорени додека е Путин жив. Понатаму Господ знае, објаснува Биљали.

Б.М.

Слични содржини