Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 636 и има околу 400 празни болнички кревети во ковид-центрите, информираат од Министерството за здравство.
Од таму додаваат дека во изминатите 24 часа во ковид-центрите во болниците низ земјава, со исклучок на главниот град, е пријавено дека се лекуваат вкупно 375 пациенти позитивни и суспектни на вирусот. Во Скопје пак бројот на ваквите пациенти е 261, од кои 35 биле хоспитализирани во последното деноноќие.
По извештаите на болниците кои пристигнуваат во Министерството за здравство на дневна основа, во болницата во Битола се хоспитализирани 17 пациенти позитивни и суспектни на ковид-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 34 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 14 пациенти, во Велес се лекуваат 33 болни, а во Куманово 42 пациенти позитивни и суспектни на ковид-19. Во ковид центарот во Охрид има хоспитализирано 53 пациенти, во Прилеп 50, во ковид центарот во Гостивар 7, а во Струга 23 болни. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 25 пациенти, во Кочани 4, во Кичево 8, Кавадарци 48, во Гевгелија 4 лица, а во Дебар 13 позитивни и суспектни на корона вирусот.
Во главниот град, во изминатите 24 часа во ковид центрите во Скопје се хоспитализирани 35 нови пациенти поради компликации од корона вирусот.
Во последното деноноќие, на интерните клиники имало 10 приеми. Во ковид центарот во ГОБ 8 Септември имало 7 нови приеми на пациенти и 6 на Инфективната клиника во текот на вчерашниот ден. Во Козле биле примени 15 пациенти.
„Бројот на приеми во изминативе денови е стабилен и утрово до 8 часот имало 90 слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места“ велат од Министерството за здравство.
Во изминатите 24 часа дома се пуштени 19 оздравени пациенти.