Според толкувањето на Шпанската фудбалска федерација (РФЕФ), Билбао може да го загуби правото да биде домаќин на натпреварите на одложеното Европско првенство во фудбал, кое е закажано за јуни и јули оваа година, бидејќи регионалната влада на Баскија состави список на „невозможни услови“ за гледачите да се вратат на стадионот.
Списокот вклучува седум состојби, од кои се издвојуваат два: оној на 60 проценти од популацијата вакцинирана со коронавирус во Баскија и остатокот од Шпанија до 14 јуни и дека пациентите кои развиваат потешка форма на Ковид-19 да не заземаат повеќе од два процента од капацитетот во единиците за интензивна нега.
– Невозможно е да се исполнат овие услови, што ќе резултира со отсуство на гледачи – се наведува во соопштението на официјалниот интернет портал на Шпанската фудбалска асоцијација (rfef.es), пренесе „Хина“.
Европската фудбалска централа (УЕФА) побара од сите 12 градови домаќини да достават план за натпревари во присуство на гледачи, а претседателот на организацијата – Александар Чеферин за „Скај“ во средата изјави дека се очекува да им дозволат на навивачите да доаѓаат на стадионите, „доколку ситуацијата го дозволи тоа“.
Предвидено е Билбао и Даблин да бидат домаќини на натпревари од групата Б, а според сегашната ситуација, навивачи нема да има ниту на трибините во главниот град на Република Ирска.
Меѓу градовите, кои имаат неизвесна ситуација со дозвола на навивачите да дојдат на стадионите, е и Минхен.
Глазгов, Амстердам, Лондон, Санкт Петербург, Копенхаген, Букурешт и Рим доставија планови за враќање на гледачите на стадионите, додека Баку и Будимпешта не треба да имаат никаков проблем со тоа со оглед на сегашните анти-епидемиски мерки.