Низ градот се поставени билборди со ликот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на кои пишува:„Пари, тендери, кој е шпицен градоначалник?!“.
Билбордите во градот се поставени откако започнаа меѓусебните обвинувања помеѓу Мицкоски и градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска по оставките од страна на директорите на градските претпријатија.
Во понеделникот од кабинетот на градоначалничката соопштија дека генералниот секретар на Град Скопје, Ѓоко Велковски, и директорот на Јавното претпријатие „Водовод и канализација“, Златко Перински, двајцата кадри од ВМРО-ДПМНЕ, се разрешени поради самоволие и сомнежи за обиди за влијание во милионски тендер за пречистителна станица. Во исто време стигнаа и нивната партија дека тие сами си поднеле оставки.
Перински и Арсовска дури и лично се соочија на прес-конференција што ја свика ексдиректорот на „Водовод и канализација“, а на која влета скопската градоначалничка.
Следниот ден, на 13 септември, без директори останаа јавните претпријатија „Градски паркинг“ и „Дрисла“ кои беа раководени од кадри на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Христовски и Јане Мицевски.
Христовски и Мицевски на своите фејсбук-профили ги објавија оставките наведувајќи дека донеле ваква одлука поради немањето поддршка, координација и достапност од градоначалничката Данела Арсовска.
По нивните објави градоначалничката на Фејсбук напиша дека поради несоодветно работење, неиспорачување резултати и непочитување на насоките на Градот Скопје, директорите добиле понуда да си дадат оставка или да бидат разрешени.
Вчера неотповикливи оставки поднесоа и директори на уште три градски јавни претпријатија во Скопје – „Улици и патишта“, на ЈСП „Турс“ и „Лајка“. Како главна причина за овој потег тие го наведуваат неможноста за соработка со градоначалничката.