Германската влада предвиде сценарио за потенцијален руски напад врз НАТО, тврди „Билд“, наведувајќи дека властите во Берлин најавиле четири различни фази од конфликтот кои, како што очекуваат, би кулминирале со потенцијални нуклеарни напади врз членките на Алијансата.
Станува збор за анализа на ризик од цивилна одбрана од 13 страници, која наводно била подготвена за германскиот парламент.
Според весникот, Германија би била меѓу главните цели во случај на руски напад врз НАТО, а официјални лица, како што пишува „Билд“, сметаат дека таквиот ризик е „веројатен“.
Првата фаза од нападот на Москва, наводно, ќе вклучува кампања за дезинформации чија цел е да се подели германското население и да се дестабилизира општеството, при што се очекува и Русија да изврши сајбер напади врз критичната инфраструктура.
Според „Билд“, Кремљ потоа би распоредил војници на границата со НАТО, а во исто време, како што се тврди, би имало напади и саботажи на германска територија. Мета би биле и сателитите.
Третата фаза ќе повлекува „селективни напади со конвенционално оружје и неконвенционални средства, исто така врз цели на територијата на Германија“, наведуваат медиумите.
Се предвидува дека кулминацијата на замислениот руски напад ќе бидат „непријателства на копно, море и воздух на германска територија“, а конфликтот ќе добие глобални размери.
Во написот понатаму се наведува дека германската влада не ја отфрлила можноста Русија да употреби хемиско и нуклеарно оружје.
Во последните месеци, германскиот министер за одбрана Борис Писториус во неколку наврати предвиде дека Русија би можела да го нападне НАТО за пет до осум години.
Во јануари шведскиот министер за надворешни работи Тобијас Билстром ги повика своите сонародници да се подготват за потенцијална воена конфронтација меѓу НАТО и Русија. И британскиот министер за одбрана Грант Шапс, исто така, предвиде глобален конфликт меѓу Западот и Русија, Кина, Иран и Северна Кореја во рок од пет години.
Рускиот претседател Владимир Путин, сепак, јасно кажа дека Москва „нема интерес – геополитички, економски или воено – да води војна против НАТО“.